Избори со скафандери, маски и ракавици? – Дерковски: Ваквите услови ќе ја намалат излезеноста

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Скафандери, маски, ракавици и растојание од два метри. Дали граѓаните во вакви услови ќе излезат да гласаат на следните парламентарни избори. Според новата законска уредба на Владата, граѓаните задолжително треба да носат маски за да го спречат неговото ширење на коронавирусот.  Како што се најавува одредени мерки, меѓу нив и социјалното дистанцирање, ќе важат можеби до крајот на годината.

Но, како би изгледале изборите доколку се одржат во летните месеци, односно најдоцна до септември.

Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски за Т21 вели дека одлуката дали ќе има или нема избори и во кое време, пред се треба да зависи од одлуката на здравствените власти.

„Ние како државна изборна комисија сме подготвени да организираме избори, меѓутоа подготвени да организираме избори во нормална атмосвера и нормални услови“, истакна Оливер Дерковски.

Дерковски вели дека организирањето на избори во вакви услови и посебни протоколи, подразбира овозможување на  такви услови од страна на државата и намален процент на излезност кај населението.

„Времето што ќе треба еден гласач да го оствари своето право на глас автоматски ќе се пролонгира, сметајќи на сите потребни процеси за контрола на гласачот, за симнување на ракавиците, прскање со спреј, контрола со ув ламба, дезинфекција на самото гласачко место. Тоа значи дека за целиот изборен ден веројатноста да излезат поголем број на граѓани да гласаат ќе биде многу помала“, додава Оливер Дерковски.

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски веќе излезе со став дека на претстојните парламентарни избори задолжително ќе биде носење маска и одржување два метра безбедносна дистанца.

„Изборите, кои требаше да се одржат на 12 април, беа одлoжени со воведувањето на првата вонредна состојба на 18 март. Во меѓувреме претседателот Стево Пендаровски кон средината на мај свика лидерка средба на која ќе се разговара за натамошниот тек на политичкиот процес и за можните термини за одржување на следните парламентарни избори. Дали и на изборите ќе мора да носиме маски и ракавици, останува да се види“, вели репортерката на ТВ21.