Избори за градоначалник или да се биде или не?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Овие локални избори, ниту за Христијан Мицкоски ниту за Венко Филипче не се обични избори. Но што гледаат тие во нив. Пораките кои тие ги праќаат од митинзите дури на моменти прозвучуваат дека изборите е прашање да се биде или не, а не за тоа кој ќе ја води општината и ќе ги решава проблемите. Според Мицкоски локалните избори на 19 октомври ќе решело каде ќе оди Македонија, па дури и дека тоа би влијаело на Владата.

„На овие избори одлучуваме како ќе се движи Македонија. Дали сакаме да се врати назад кај овие кои што ја уништуваа 7 години или сакаме да одиме напред и да ја развиваме заедно со народот. Дали сакаме да се врати Влада или да биде дел од Влада политичка партија која што ја уништуваше Македонија или пак да остане оваа коалиција која што 15 месеци работи за Македонија и народот“, вели Христијан Мицкоски.

И првиот човек на социјалдемократите Венко Филипче вели дека за него овие избори се  клучниот момент за неговата партија и дека од нив зависело дали СДСМ ќе биде силен опонент на власта, иако тоа во принцип би требало да зависи од функционирањето во нивните редови.

„Сега кога Македонија повторно е ставена под закана на ВМРО-ДПМНЕ кои ја туркаат државата во изолација, назадување, узурпација и режим вашата сила и вашиот глас значат повеќе од било кога. Ова не се обични локални избори. Ова е момент кој е потребен силен СДСМ, кој ќе биде силен противник на ВМРО-ДПМНЕ“, вели Венко Филипче.

Иако и од двете политички партии ветуваа дека ќе се води позитивна кампања голем дел од неа се користи за оцрнување на политичкиот противник. Деновиве во кампањата дури се извади и поранешниот претседател на СДСМ Зоран Заев со обвинувања против него.