Избрана новата влада во Бугарија – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во расправија за односите со Софија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со 124 гласа „за“, 70 „против“ и 36 „воздржани“, Народното собрание на Бугарија ја избра новата влада предводена од Румен Радев. Владината структура ја поддржаа само пратениците на „Прогресивна Бугарија“ – новоформираната партија на Радев, која убедливо победи на парламентарните избори. Новата влада се состои од премиер, четири вицепремиери и 18 министри.

По формирањето на новата влада во Бугарија, политички препукувања меѓу партиите во Македонија. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека опозициската СДСМ е блиска до Бугарија и подготвена да прави политички отстапки за власт без јасни национални линии.

-СДСМ и Филипче му „лижѐат“ на Бугарија и испраќаат пораки дека се подготвени за ново национално предавство. СДСМ и Филипче немаат црвени линии, за власт веднаш би направиле нови предавства. Филипче постојано изјавува дека е веднаш подготвен за уставни измени, без гаранции дека за Македонија тоа би била последна пречка. Планот за уништување на Македонија на Зоран Заев за еден ден повеќе власт, сега Венко Филипче сака да го продолжи, служејќи на агенди на други држави, изјави Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ возвраќаат дека ВМРО-ДПМНЕ е хипокритична и манипулира со патриотизмот.

-Не може да се создаваат намерни конфликти со Бугарија и на тоа да се собираат патриотски политички поени, додека во позадина се живее и се патува со бугарски пасош. На крај излегува дека од Бугарите нè бранат Бугари, изјави Андреј Жерновски, член на Извршниот комитет на СДСМ.

Инаку, вчера министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски изјави дека Владата на Македонија не е подготвена за уставни измени, наведувајќи недостиг на подготвеност за дијалог од страна на Бугарија. Според него, земјата отсекогаш била подготвена за дијалог и останува отворена за соработка, но недостигот на волја за таков дијалог доаѓа од соседна Бугарија, односно од една од претходните политички влади таму.