Европскиот парламент го усвои извештајот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со 461 глас за, 121 против и 107 воздржани, Европскиот парламент го усвои Извештајот за Македонија, но го избриша од него македонскиот идентитет и јазик. Во гласањето за амандманите поднесени од бугарските европратеници во кој се бараше нивно отстранување од текстот претходно беше обезбедено потребното мнозинство од трите најголеми партии, со што овие амандмани поминаа. Расправата пак, за овој извештај се одржа синоќа во која известителот Томас Вајц бараше поддршка за Македонија.

-Дали се тие наш доверлив партнер? Да, учествуваат 100 проценти во нашата заедничка надворешна и безбедносна политика. И она што говориме е дека оваа земја има огромен потенцијал, а овој извештај е чекор повеќе кон пристапувањето кон ЕУ, изјави Томас Вајц, известител за Македонија.

Словенечката европратеничка со македонско потекло Ирена Јовева со остар тон им се обрати на бугарските пратеници на македонски јазик и им порача дека за постоење на македонскиот народ, јазик и идентитет не им треба нивна дозвола.

-Македонскиот јазик е автентичен, вашите обиди се модерна фикција. Идентитетот кој преживеал векови нема да исчезне поради едно гласање или ваше лобирање. За да постои на македонскиот народ не му треба ваша дозвола, но на вас да го признаете тоа треба чесност, интегритет и храброст, знам, изјави Ирена Јовева, европратеничка од Словенија.

Бугарскиот пратеник Ивајло Валчев се обрати до македонските граѓани и им рече дека премиерот Мицкоски ги лаже.

-Сакам да се обратам на македонското општество. Мицкоски ве лаже. Внесувањето на Бугарите во сите релевантни делови на Уставот и почитувањето на Договорот со Бугарија од 2017 и преговарачката рамка нема да го нарушат вашиот идентитет. Секое пролонгирање на реформите за да ги почнете преговорите за членство ќе го направи токму тоа, изјави Ивајло Валчев, европратеник од Бугарија.

Коментирајќи ги случувањата со Извештајот за Македонија во Европскиот парламент претседателката Гордана Силјановска Давкова рече дека на Европската унија има сериозен проблем со демократијата.