Изгласани законите за судска и јавнообвинителска служба – опозициската СДСМ не даде поддршка, смета дека не се реформски закони

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За двата закони се гласаше посебно, а и за двата имаше посебна расправа. Законот за судска служба е изгласан со 61 глас ЗА, а 12 против, додека оној за јавнообвинителска служба доби поддршка од 62 пратеници, додека против беа 13. Двата закони поминаа без поддршка на пратениците на СДСМ, кои сметаат дека овие закони не се реформски. Двата закона, како што посочија пратениците од опозицијата, нема да обезбедат независност, непристрасност и напредок во судската и јавнообвинтелската служба.

„И наместо зајакнување на самостојноста на јавнообвинителската служба, во повеќе одредби од самиот Предлог закон се задржуваат механизмите преку кои што органите на извршната власт имаат и продолжуваат да имаат влијание поврзани со вработување, унапредување, мобилност, организација на работа, управување со човечки ресурси и донесувањето на подзаконските акти. Што значи дека наместо самостојност и независност на јавнообвинителската служба и понатаму и многу повеќе власта ќе има влијание врз оваа служба“, вели Јованка Тренчевска.

Според, пратеникот Пренџов, имало јавна расправа за двата закони и сите оние кои биле повикани, имале две крупни забелешки, кои се исправени во овој предлог закон. Првата била дека оние кои работат во овие сектори, не сакале ниту еден денар да им биде скратен од примањата. Второ, не сакале да го изгубат статусот на судски односно јавнообвинителски службеници.

„И двете клучни работи ги усвоивме. Ниту еден службеник нема да има помала плата, и секој еден јавнообвинителски службеник, односно судски службеник, останува со истиот статус што го имал. Тие две работи, да точно е ги исправивме. И тоа треба да се признае и за тоа треба да се даде поддршка“, вели Љупчо Пренџов.

Инаку, во рамки на истата 108. седница беа донесени и Законот за високи раководители, Законот за користење на енергија од обновливи извори и Законот за оружје.  За Предлог-законот за парична постапка гласањето ќе биде дополнително закажано.