Изградба на објект блокира улица во Кичево, жителите бараат да се сруши

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова е населбата Бала Маало во Кичево, старо место во градот каде работат занаетчии.

Во овој дел од градот е изграден објект на местото предвидено за улицата „Охридска“ која води кон улицата „Маршал Тито“.  Со оваа градба, како што велат мештаните, оваа уличка е узурпирана, па поради тоа се принудени да заобиколуваат.

Бараат објектот да се сруши и да се отвори улицата како што е планирано уште многу одамна.

-Овој имотен лист покажува дека тој има само 20м2, значи објектот со жолта боја е изграден пред 10 години, а останатиот дел е узурпиран. Порано имаше барака, можете да видите на слика, таа барака беше срушена на 13 јуни, а од 17-ти, 21-ви и 28-ми, објектот е во овие димензии. Беше предвидено тука да биде отворена улица, бидејќи тука е и паркот-вели еден жител.

Адвокатот на случајот вели дека добил одговор од општината дека местото каде што е изграден објектот е културно наследство и под заштита на Министерството за култура. Бара општината да постапи час поскоро.

-Местото каде што се наоѓаме, односно за местото каде што се наоѓа објектот добивме одговор од општината дека е заштитено од Министерството за култура, па така без нивна согласност не смее да се гради. Но, објектот е изграден, има приземје и кат. Ние бараме итен одговор од општината – дали овој објект има дозвола, дали ги поседува сите документи, дали е во сопственост на државата или пак е приватен имот? Ние имаме податоци дека местото е предвидено за отворање пат-рече Ариан Имери.

Но, овој проблем не е присутен само во Кичево. Најголем проблем претставува тоа што инвеститорите добиваат дозвола за еден или два ката, но потоа градбата ја креваат за уште неколку ката, непочитувајќи ја дозволата издадена од општината. Следниве денови ТВ21 ќе побара одговор од о.Кичево и Министерството за култура во врска со објектот кој е во финална фаза на изградба.