Излекуваните пациенти од коронавирус не се имуни – 35 граѓани во земјава повторно се заразиле со ковид-19

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

35 граѓани во Македонија по втор пат биле заразени со коронавирус. Оздравените пациенти не се имуни од повторно заразување, вели инфектологот Алириза Османи. Иако организмот формирал антитела, тие го губат заштитниот ефект и може да дојде до реинфекција, објаснува тој.

„Нормално, ако не се формирани антитела организмот може да се зарази со вирусот исто како сезонскиот вирус кој може да се добие секоја сезона“, истакна Алириза Османи.

Во Македонија има пациенти кои биле заразни во првиот бран напролет, но потоа, во вториот бран повторно им било потврдено присуство на коронавирус. Вакви случаи третирал инфектологот Османи. Еден лекар и една медицинска сестра два пати го прележале вирусот.

„Едниот беше на домашно лекување без симптоми, односно со лесни симптоми. Другата колешка пак беше третирана на Инфективната клиника. Нејзините симптоми беа кашлање, главоболка, замор, болка во зглобовите, изгубено чувство за вкус. Но, иако имаше формирано антитела, сепак вирусот повторно го нападна истиот организам. Велам повторно бидејќи многу влијаеше и стравот, бидејќи тој е главниот фактор кој доведува до паѓање на имунитетот на организмот“, додава Алириза Османи.

Во јануари се очекува да пристигне вакцината против Ковид-19, а ефектите од вакцинирањето ќе се видат по една година.

„Треба да поминат две сезони за да се види дали едно лице може повторно да биде заразено со вирусот. Потоа ќе видиме каков успех ќе имаме со вакцината… Повторно ќе биде потребно време за да констатираме дали едно лице го прележало вирусот еднаш и дали постои можност повторно да биде заразено“, истакнува Алириза Османи.

Лекарите советуваат оние кај кои било потврдено присуство на коронавирус да продолжат да ги следат протоколите и мерките. Да консумираат витамини и да се хранат здраво.