Измените на кривичниот законик, спас за криминалните функционери

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Покрај тоа што против донесување на измените на Кривичниот закон е опозицијата, се чини дека несогласување има и внатре во Владата. Неофицијално извори од Министерството за правда тврдат дека против овие измени е и министерот Кренар Лога кој одбил да стави потпис на предложените измени на законот. Иако, како што велат нашите извори, имало обиди да се убеди Лога да стави потпис, сепак тој одбил и тоа морала да го стори заменик министерката Викторија Мадиќ, која и практично на собраниската Комисија за европски прашања ги бранеше предлог измените. Опозицијата со остра осуда вели дека со намалувањето на казните и на рокот на застарување на делата власта прави обид да ги заштити своите функционери од евентуално кривично гонење а дополнителна злоупотреба се прави со тоа што на овие измени има европско знаменце.

„Ние зборуваме за намалување на казната односно тргнувањето на горната граница за одредување на казна за членот 353 односно злоупотреба на службена должност како и рокот на застарување да биде намален на 6 години. Тоа значи дека сите оние деликти, која што вашата партија, која што оваа владејачка коалиција ги сторила на доаѓањето на власт, веќе би биле застарени и никој не би одговарал за злоупотребите за кои што гледаме дека секојдневно ги полнат насловните страници на медиумите во Република Македонија.“, рече Стојановски.

„Во меѓувреме, пазете во меѓувреме, се појавија одредени ургентни прашања за кои сметаме дека би било целисходно да бидат регулирани за пократок период. Молам!? Па сами си признавате, кои се тие ургентни прашања во меѓувреме што се појавија Се ближат изборите, можни се промени на власта и каков метод применил предлагачот, тоа го викам јас метод на алиби.“, рече Гордана Силјановска-Давкова.

Во обид да го оправда предлогот на измените на Кривичниот законик говореше заменик министерката за правда Мадиќ и пратеничката од редовите на СДСМ Снежана Калеска Ванчева.

„Предложените решенија, намалување на предвидените казни во член 353 како и бришењето на некои ставови се движи во таа насока да бидат на линија на новиот концепт во кој што се има направено стандардизација на критериумите за одмерување на казните. Се додаде ново дело, злоупотреба при јавните набавки. Ако зборуваме, за ефикасност, ефективност во борба против криминалитетот, а особено со организиран криминал и корупција тоа е проширена конфискација“, изјави Викторија Аврамовска-Мадиќ.

„Вие сметате можеби дека треба со драконски казни да се бориме против злоупотребата која што ја вршат со јавните пари одредени функционери или за друг тип на кривични дела. Но, сигурно добро знаете дека и во теоријата и во праксата е докажано дека тоа многу пати не е вистинскиот рецепт.“, рече Калеска Ванчева од СДСМ.

Расправата по два дена дебата во Комисијата за европски прашања заврши, а опозицијата не поднесе амандмани на измените, затоа што смета дека се беспредметни кога власта го има мнозинството.