Израелското МНР негира дека Грета Тунберг и другите хуманитарната флотила биле малтретирани: Бесрамни лаги!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Израелското Министерство за надворешни работи во неделата остро ги отфрли обвинувањата дека шведската активистка Грета Тунберг и другите пропалестински активисти биле малтретирани во притвор, нарекувајќи ги нивните изјави „бесрамни лаги“.

Но, израелскиот екстремно десничарски министер за безбедност, Итамар Бен-Гвир, рече дека е „горд што ги третираме „активистите на флотилата“ како поддржувачи на тероризмот“.

„Сите оние кои го поддржуваат тероризмот се терористи и заслужуваат услови што им одговараат на терористите“, рече тој.

Министерството за надворешни работи коментираше во објава на X во неделата дека Грета Тунберг и другите притвореници го отфрлиле забрзувањето на нивните депортации и наместо тоа инсистирале да останат во притвор.

„Грета не се пожалила до израелските власти за ниту едно од овие смешни и неосновани обвинувања – бидејќи тие никогаш не се случиле“, се вели во објавата.

Бен-Гвир рече дека ги посетил бродовите и таму не видел „никаква помош или човечност“. Наместо тоа, рече тој, пронашол „пакет храна за бебиња и цел брод полн со луѓе кои се преправаат дека се активисти за човекови права, но кои всушност пристигнале за да го поддржат тероризмот и да се забавуваат на наша сметка“.

Тој исто така рече дека активистите треба „јасно да ги почувствуваат условите на нивниот притвор и двапати да размислат пред повторно да се приближат кон Израел“.

Во петокот, израелската морнарица го пресретна последниот од 42-та брода на флотилата „Глобал Сумуд“. Приведени се повеќе од 400 членови на екипажот од десетици земји, вклучувајќи ја и Грета Тунберг. Израел веќе започна со депортација на активистите назад во нивните матични земји.