Израмнување сметки меѓу 3 млади било причината за физичката пресметка која се случила синоќа во близина на поликлиниката Бит Пазар, поточно на паркингот зад Исабеговата џамија. Жителите кои живеат во близина за ТВ21 раскажаа дека настанот не е поврзан со чекање ред за купување леб.
-Одеднаш излегоа од оваа улица и почнаа да се расправаат и да се удираат. Значи не чекаа ред за леб? Не, не, да чекаа за леб ќе се договореа со збор. Не доаѓа некој со пиштол за да купува леб.
-Се познаваат меѓу себе?
-Да, се познаваа.
-Ова вчера што се случи не се однесува на пекарницата, како што велат дека се повредиле, се убиле за леб. Настанот се случи овде вчера. Неколкумина млади се скараа, не знаеме зошто, но не беше за леб.
-Не, не, воопшто, нема врска со пекарницата. Ние купуваме овде редовно, никогаш немало проблем. Ова е друга работа, што имаа младите меѓу себе, не е добро.
Сопственикот на пекарницата во чија близина се случи кавгата вели дека му е жал за настанот, но и тој рече дека за толку време колку што работи во оваа пекарница, кавга за чекање ред немало никогаш.
-Нема врска со нас тоа што се случи вчера. Не знам кој го измисли тоа. Секој ден овде се чека ред, но до ден денес немало никогаш проблем. Ние 30 години работиме во овој дуќан но што е работата не знам. Овде не се случило ништо, тоа се случило горе кај паркингот-вели сопственикот на пекарницата.
ТВ21 праша во МВР дали им е позната причината за кавгата, но од таму ни го испратија повторно вчерашното соопштение за случајот.
„На 07.04.2023 околу 18 часот во СВР Скопје пријавено е дека дошло до физичка пресметка во близина на поликлиника Бит Пазар во Скопје, а непосредно потоа од ГОБ Св.Наум Охридски е пријавено дека за лекарска помош се пренесени А.Б. (20) со повреда на десна рака од оружје, како и А.Б(23) со повреди од тврди предмети и 17-годишен малолетник со повреди од физички напад. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.“, стои во соопштението од МВР.
Станува збор за жестока расправија меѓу две групи млади лица при што било употребено огнено и ладно оружје, никој од жителите не ги знаеше причините за расправијата.