Извештајот на ЕУ на расправа во Собрание – Сиљановска-Давкова: Ние предолго го одиме овој маратон со пречки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Уставните измени, немањето напредок во функционирањето на судството, влијание врз нив, борбата против корупцијата, обврските од реформската агенда, како и измените во Кривичниот законик. Ова се клучните сегменти на кои што евроамбасадорот Михалис Рокас се задржа во своето обраќање во однос на она што се забелешките и препораките во Извештајот на Европската комисија.

„Консензусот е потребен и за унапредување на неколку круцијални или клучни реформи и чекори вклучувајќи ги амандманите на Уставот за кој што државата се обврза како дел од интегрирањето во Европската унија. Јас сметам на вашите чекори за да се движите напред и најмногу загрижува се разбира областа на владеењето на правото, нема никаков прогрес во функционирањето на судството и никаков прогрес во борбата против корупцијата“, рече Рокас.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова рече дека за неа членството во ЕУ значи перспектива и стабилност, сепак изнесе низа критики кон Европската унија за двојни стандарди. Не е точно дека не сме работеле на уставните измени, тие дојдоа на дневен ред во Комисијата но не го поминаа ни првиот чекор, рече Силјановска.

„Она што мислам дека е нешто што не смее да се заборави е посебните критериуми за нас. Зошто ние предолго го одиме овој маратон со пречки? Зашто покрај копенхагенските критериуми ние добивме и додатни критериуми. Сиве оценки не можат да се апстрахираат од едно основно барање а тоа е барањето за уставни измени, да бидеме искрени“, вели Сиљановска-Давкова.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани се задржа на дел од забелешките на ЕУ.

Реформите во судството не се ни технички ангажман ниту, политички. Тие се основата на кој стои основата на европската перспектива, мерка за легитимност пред граѓаните и значаен критериум за отворање и затворање на поглавјата“, изјави Муртезани.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Венко Филипче со критики кон власта во однос на извештајот и разочарување кон нив поради нивните тонови на евроскептицизам. Тој посебно критикуваше за делот на влијанието кон судството.

„Владата се обидува да врши влијание на сите независни институции кои што се надвор од извршната власт. Најмногу, најсилно, најексплицитно на судската власт, јавен и јасен притисок што за прв пат предизвика, од 91 година  јасна реакција од судската фела, преседан, општествен би рекол не само во државата.“, вели Филипче.

Инаку ова е 16 Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава  откако во 2009 година Македонија за прв пат доби позитивна препорака за отпочнување на преговорите со ЕУ.