Слабостите нотирани од УНЕСКО за односот на државата, институциите и властите на национално и локално ниво кон Охридското Езеро и градот Охрид како природно, односно културно наследство прогласени за светско богатство и несоодветниот одговор на државата и институциите по забелешките нотирани од Светската организација резултираа Охридскиот регион да ги исполни критериумите да биде впишан на Листата на УНЕСКО со светски богатства во опасност.
Обемниот Извештај на УНЕСКО со стотина страници за состојбата во регионот доставена до надлежните државни институции ја отсликува ситуацијата на терен, со сите недоследности, пропусти, промашувања, отстапувања, грешки и неостварени ветувања за подобрување. Извештајот е критички и реален, но пред се неповолен така што најверојатно нема да има некакви поголеми отстапувања од неговата финална верзија што најверојатно Охридскиот регион ќе го помести на Листата на загрозени светски природни и културни богатства.
Според она што може да се види во документот, властаите, како на национално така и на локално ниво, не ги имаат исполнето преземените обврски од 2017 година за намалување, односно остранување на индентификуваните закани по заштитеното подрачје. Напротив, дури и се посочуваат примери на продолжување на практиките на постапување спротивно предупредувањата посочени во Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО од 2017 година. Негрижата кон природното и културното богатство резултира со постепена ерозија на атрибутите поради кои го уживаше добиениот статус.
Како што се наведува во извештајот, се уште постојат и се разработуваат планови и проекти што не соодветствуваат на статусот на УНЕСКО, а се нотирани и нови закани. Регистрираните неправилности во менаџирањето од институциите, во комбинација со недоволното имплементирање на законските одредби доведоа до реализација на несоодветни проекти со негативни последици во планирањето на развојот, дури и со предлози за мегаломански проекти, што сето заеднички доведе до сериозно нарушување на природниот и урбаниот изглед на градот и поширокото заштитено подрачје, со што Охридскиот регион ги има исполнето условите за негово ставање на Листата на загрозени светски вредности на УНЕСКО.
Меѓу другото, забелешките нотирани во нацрт-извештајот се однесуваат на веќе познатите проблеми, пред се прекумерната и неконтролирана урбанизација, бавноста во справувањето со дивоградбите, како на крајбрежјето така и во заштитеното градско подрачје, но и дерогирање на животната средина, нефункционалниот колектор, отсуството депонија за цврст отпад…
Во документот се посочува и на отсуството свест кај населението за одговорен однос кон светските културни и природни вредности, се забележува одлагање шут ѓубре на диви депонии, поставување соларни колектори на куќите во Стариот дел на Охрид со што се нарушува автентичниот изглед заради кој е доделен статусот светско културно богатство, па и поставувањето урбана опрема и тенди од најразличен изглед и боја во непосредна близина на светските културни вредности и споменици на културата.
Не се поштедени ниту институциите формирани за да се грижат за спомениците на културата и на природата, се посочува на несоодветната конзервација и реставрација на заштитените подрачја и објекти, се премолчувало или замижувало пред урбаното насилство врз културните вредности.
Документот содржи листа препораки со задолженија што мора да се спроведат, меѓу кои има обврски што мора да се реализираат неодложно и веднаш, за некои точки даден е рок за нивно спроведување, додека одредени проекти и планови ќе мора да бидат целосно отфрлени, каков што е планот за изградба марина во Студенчишкиот канал. Неодложно прогласување на Студенчишкото блато за строго заштитена зона и забрана за какви било интервенции во тој дел од крајбрежјето. Како итно се бара продолжување на процесот на отстранување на дивоградбите од крајбрежниот појас на Езерото, со изготвување регистар на дивоградби и тоа во сите општини од регионот и воведување вистински мораториум на градење се до донесување нови одржливи урбанистички планови.
Се посочува и на потребата од изнаоѓање алтернативни траси на далноводи, за железничката пруга на Коридорот 8, за гасоводот Битола – Елбасан, за автопатската делница Требеништа-Струга, контрола на степенот на искористување на водата од Езерото за производство на електрична енергија, пренасочување на реката Сатеска во старото речно корито…
Дури се оспорува и реализацијата на проектот за реконструкција на Кејот „Македонија“ во Охрид. За таа намена Владата неодамна на Општината и додели средства, обезбедени преку пренамена на пари предвидени за карго-аеродромот во Штип. Проектот чија реализација беше најавена за оваа година сега испаѓа дека е во спротивност со забелешките од УНЕСКО, од каде посочуват дека реконструкцијата не смее да се спроведува со изготвениот туку да се изврши по нов проект без отстапувања од постоечкиот габарит.
