Извозот од Македонија во ЕУ на удар поради декарбонизацијата: Цените ќе растат, компаниите не знаат колкава такса ќе треба да плаќаат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од 1-ви јануари следната година македонските компании кои извезуваат производи на пазарот на Европската унија ќе бидат на удар. Ниската цена нема да биде главниот адут за конкурентноста на македонските производи. Европската унија воведе такса за декарбонизација, односно ќе се плаќа дополнителна сума на пари за производ во чие производство била користена енергија која загадува. Но, проблемот за македонските компании е тоа што користат електрична енергија која 60 проценти е произведена во РЕК Битола, која користи јаглен, а 40 проценти од обновливи извори. Поради тоа не се знае колкава ќе биде таксата.

-Не знам, не знам, тоа сепак е работа на други институции. Конкретно за цената на нашите производи, ние сме должни квартално да даваме извештај на нашите клиенти, како добавувач и во однос на тоа ќе зависи нивната цена, односно нивната такса која што значи да се купупуваат карбон обврзници, велат од Македонско Здружение на метална и електро индустрија.

Иако беше најавено, сепак се уште не е формирано ниту тело кое ќе мери дали за одреден производ е користена „чиста“ енергија или енергија која загадува, врз основа на што треба да биде и платена таксата. Воедно, ова значи дека компаниите кои веќе инестирале во обновливи извори на енергија, ќе ја плаќаат таксата. Нејаснотии засега има и во Владата.

-Во нашите последни разговори ни беше укажано дека ќе се земе миксот на Македонија како држава. Тоа значи дека ние минатата година 40% имаме од обновливи и дека ќе биде тој микс. Значи, нема да се гледа поединечно, туку ќе се гледа државата како една целина, вели Сања Божиновска, министерка за енергетика.

Таксата која ќе треба да се плаќа значи и повисока цена на производите кои македонските компании ги извезуваат на пазарот на Европската унија, а со тоа ќе станат и помалку конкурентни.

-Да, во секој случај цената ќе биде оптеретена. Компаниите, бидејќи за ова се зборува неколку години и се спремаме на некој начин, треба да се соочиме со тоа, изјави Марта Наумовска – Грнарова од Македонско Здружение на метална и електро индустрија.

Промените се тешки, но се чини дека се неминовни, барем кога е во прашање зелената транзиција.

Да не се плашат компаниите, бидејќи за 10 години тоа ќе стане нормален и составен дел на секојдневието на секој од нас, не само на компаниите, изјави Марта Наумовска – Грнарова од Македонско Здружение на метална и електро индустрија.

Оваа такса од први јануари ќе погоди околу 370 домашни компании кои имаат 80 милиони евра извоз во Европската унија, односно производите кои се поврзани со челичната, алуминиумската, цементната, за ѓубриво и за водород индустрија. Но, ЕУ најавува дека ќе ја прошири таксата и за други индустрии меѓу кои се текстилната, хемиската, за пластика и за целулоза и хартија.