Ниту двете редовни и четирите вонредни и ненајавени контроли на цементарницата ТИТАН Усје од страна на надлежните државни и локални институции не пронајдоа дека оваа постројка влијае на поголема загаденост на воздухот во Скопје. Шесте контроли од кои две биле во последните два месеца на 2025 година покажале дека параметрите кои се мерени не отстапуваат од пропишаните со еколошката Интегрирана А дозвола. Денеска од Државниот инспекторат за животна средина посочија дека оваа постројка има 24/7 часовен мониторинг и дека овие податоци се испраќаат во акредитирана лабораторија во Германија.
„Точно е дека УСЈЕ има 24/7 мониторинг, кој имаат посебен уред кој е од германска акредитирана лабораторија, не е во можност тие самите да си ги штелуваат бројките и тие извештаи тие ги објавуваат на нивната страна. За да бидеме потранспарентни, заедно со директорот и Министерот за животна средина правиме напори, прво меѓу нас се координираме за да можеме на правниот субјект, на некој начин да побараме информација од нив, таквите извештаи да можеме да ги гледаме паралелно и ние од инспекторатот и управата се со цел да сме потранспарентни кон граѓаните и сега и кон вас, медиумите.“, вели Ивана Гиновска од Државниот инспекторат за животна средина.

И бидејќи УСЈЕ работи според Законот и правилата и нема основа за одземање на Интегрираната А дозвола, останува отворено прашањето како Владата ќе постапи по препораката на Советот на Град Скопје за дислокација на цементарницата.
„Ценам дека едно е она што ќе се донесе како одлука, препорака или ќе се усвои во Советот на град Скопје, но друго е како владата пристапува кон решавање на проблемите, како разговара за истите и кои се институциите кои што ќе треба да ги преземат соодветните мерки и постапки, за да дојдеме ние до било какво решение. Да, ние рековме дека доколку таа препорака стигне до владата, доколку тоа е заклучокот на советниците во градот Скопје, како Влада, ќе седнеме и ќе ги видиме сите можности кои ќе стојат на располагање.“, изјави Митева.

Во Скопје има 40 компании со Интегрирани А дозволи, а вкупно во државава има 120. За да се одземе оваа дозвола, мора во три случаи правосилно да се докаже дека се прекршени правилата од дозволата.
Инаку, Гиновска вели дека научните студии јасно покажуваат кој загадува во Скопје.
„Но, има студија направена на пет града, низ територија на целата држава, каде што се вршеле мерења низ текот на целата година, каде што не е направена ниту од Инспекторатот, ниту од Управата, Министерството, ниту од Владата, ниту од оваа, ниту од претходната, туку е направена од експерти кои покажуваат дека најголемо влијание, врз амбиентниот воздух во Скопје, имаат домаќинствата. Потоа се автомобилите, на трето место е индустријата. Не се амнестираме од тоа дека индустријата не загадува, сакаме да кажеме дека не е водилка во овој процес на аерозагадување, кој е веќе децениски“., рече Гиновска.
Добивањето на Интегрирана А дозвола е долгорочен процес и најчесто компаниите ги чини неколку, па и десетина милиони евра.
