Јанакиески со оперирана нога дојде на суд, за Миланов од здравствен аспект ова е преседан

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Со оперирана нога и со полициска придружба, екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески беше доведен во Кривичниот суд за случајот Топлик.


За адвокатот, Еленко Миланов ваквото однесување на судското тело кон неговиот клиент Миле Јанакиески е преседан, бидејќи, како што вели, до судот веќе доставиле документација дека Јанакиески од здравствени причини не може да се појави во судот.

Јанакиески е првоосомничен во предметот Топлик за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот Сончев град во Сопиште. По 4 години судење, денеска заврши доказната постапка. Судското тело ги отфрли дополнителните докази и сведоците кои ги предложи одбраната, со образложение дека ниту еден од доказите нема да го сменат развојот на случајот.

На последното судско рочиште, судијата Осман Шабани побара Јанакиески да биде спроведен со полициска придружба, бидејќи поради неговото отсуство веќе беа откажани неколку рочишта. Предметот е при крај. На 9 февруари е закажано рочиште за завршни зборови на Обвинителството, а потоа и на одбраната. Освен во “Топлик“, Миле Јанакиески е обвинет и во “ТНТ“, “Титаник“, “Талир“, “Траекторија“ и “Шпански скали“ .