Јанчев повикува на протести против Мицкоски – ВМРО-ДПМНЕ: Јанчев е под контрола на Заев

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лошите изборни резултати во изборните циклуси како и неучеството на ВМРО ДПМНЕ во клучните прашања се доволна причина поради која лидерот на опозицијата Христијан Мицковски треба да си замине од оваа позиција, вели Митко Јанчев. Градоначалник на Кавадарци синоќа преку својот фејбук профил повика на мирен протест за оставка на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Мислам дека крајно време е ВМРО ДПМНЕ да си побара ново раководтсво, раководство кое ќе го однесе на прав пат, раководство кое што ќе го донесе ВМРО ДПМНЕ да учествува во одлуките на оваа држава. За жал ВМРО ДПМНЕ изгуби на парламентарните избори, не победи како што беше очекувано и Мицковски не си го одржа зборот до крај за да си даде оставка и нормално да ја ослободи партијата, да се консолидира и партијата да може стварно да постигне такви резултати какви што ги заслужува како најголема партија во нашата држава“, истакна Митко Јанчев.

Јанчев има замерки околу раководството во партијата за кое вели дека секој еден кој не мисли како него, ќе се судри со деградирање и омаловажување. Додава дека мора да биде прекината праксата лидерот на партијата да биде избран или поставен од мала група луѓе и потоа тој да им биде должник и да работи за нивните интереси. Јанчев смета дека лидерот на ВМРО -ДПМНЕ треба да биде избиран со гласање на целокупното членство. На повикаот за протест се огласија од опозицијата.

„Се докажа дека Митко Јначев е најголемиот бисер на естрадата во Македонија. За жал тој се прокламира како политичар дека се занимава со политика но всушност тој е дел од естрадата на Македонија. Веќе се знае со кого е во дослух, самиот имаше признание со кого го прославил назначувањето за потпретседател на партијата пред 2,5 години така да, нормално е дека е под команда на Зоран Заев“, посочи Димче Арсовски.

Во меѓувреме Јанчев го одложи протестот по консултации со Министерството за здравство и со Комисијата за заразни болести поради пандемијата со коронавирусот. Тој истакна дека одлуката не значи дека се повлекува од намерата, напротив, порачува дека Мицкоски мора да ја остави партијата да работи и да престане да му овозможува на Зоран Заев и на СДСМ да работат против интересите на државата.