Осудениот за настаните од 27 април, Јане Ченто, заедно со Богдан Илиевски и Борис Дамовски, поднесоа кривична пријава до Јавното обвинителство против Вилма Рускоска, обвинителката која го водеше случајот.
Тие информираа дека целта е повторно разгледување на судењето за 27 април, бидејќи ќе достават дополнителни докази кои биле одбиени во претходниот процес и според кои, како што тврдат, „биле користени незаконски докази, бил вршен притисок врз сведоци и била донесена одлука врз основа на монтирани постапки“.
„Повеќе од осум години се соочуваме со системска неправда. Денес официјално поднесовме кривична пријава против поранешниот јавен обвинител со иницијали В.Р., согласно член 368-а за попречување на правдата и член 353 за злоупотреба на службената должност. Доставивме докази до Јавното обвинителство кои се поврзани со 27 април и сериозно го доведуваат во прашање начинот на кој беше водена истрагата и судскиот процес“, порача Јане Ченто.
Реагираше и поранешната обвинителка Вилма Рускоска, која го водеше случајот пред Кривичниот суд, истакнувајќи дека Јане Ченто не може повеќе да ја сака оваа земја од неа и додавајќи дека нејзините родители пролеале крв за оваа земја.
„Мајка ми беше во бугарски затвор, ние го погребавме татко ми убиен со бугарски куршум“, изјави Рускоска, додавајќи дека обвинителите се само страна во постапката, додека конечната одлука ја носат судовите во три инстанци.
„За разлика од Јане Ченто, јас се борам со сила на аргументи и докази, а не со насилство. Насилството никогаш не е решение. Одлуката беше потврдена од Апелациониот суд и Врховниот суд, што значи дека нема незаконско постапување во ниту еден сегмент. Според мене, ова е манипулација со јавноста, бидејќи едно од предизборните ветувања на актуелната власт беше ослободување на обвинетите за 27 април“, вели Вилма Рuскоска.
Јане Ченто, заедно со уште 15 лица, беше осуден на 13 години затвор во 2019 година за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок“ во случајот „27 април“, поврзан со насилниот упад во Собранието. Случајот го судеше судијката Добрила Кацарска, сега судијка во Уставниот суд. Дел од обвинетите добија амнестија согласно законот донесен од Собранието на крајот од 2018 година. На седницата на 27 април 2017 година, ситуацијата ескалираше кога Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието.
