Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека јавната дебата за новиот Закон за високо образование сè уште трае и дека Министерството очекува официјални, интегрирани забелешки од универзитетите.
Одговарајќи на новинарско прашање за време на традиционалната прослава на празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, таа нагласи дека процесот на консултации не е завршен и најави теренски јавни расправи со академската заедница.
„Сè уште не е завршена јавната дебата и очекуваме забелешки. Дел од нив пристигнуваат преку ЕНЕР и по електронска пошта, но очекуваме универзитетите официјално, на кој било начин, да ги достават своите интегрирани ставови, за да избегнеме повторувања и фрагментирани предлози“, истакна Јаневска.
Таа посочи дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе организира јавни расправи на самите високообразовни институции, на кои ќе можат да присуствуваат сите заинтересирани професори и да се дискутираат спорните одредби.
Според неа, најголемиот дел од предложените решенија не наишле на сериозни забелешки, а отворени остануваат „неколку членови“ за кои ќе биде потребна дополнителна експертска дискусија и усогласување.
Јаневска потенцираше дека реформата во високото образование е неопходна и дека државата повеќе нема простор за одложување. „Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведоа во оваа состојба. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски ќе го поддржи напредокот“, порача таа.
На настанот по повод празникот, министерката упати честитки до граѓаните, особено до земјоделците, лозарите и овоштарите, изразувајќи поддршка за активностите на Факултетот за земјоделски науки и храна и најавувајќи континуирана владина поддршка за проекти што придонесуваат за квалитет и развој во образованието и науката.
