Јаневска: Нема да го повлечеме законот за високо образование

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска на пленарна седница потврди дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование, иако опозициските пратеници побараа тоа. Јаневска истакна дека за законот сè уште се одвиваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е достапен на ЕНЕР за коментари од сите засегнати страни.

„Нема да го повлечам законот. Ќе ви објаснам дека е за добробит на сите“, рече Јаневска на прашањето на пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, која изнесе низа забелешки и побара законот да биде повлечен.

Министерката нагласи дека законот предизвикал одредени реакции, но тие не можат да се генерализираат и доаѓаат од студентите и универзитетскиот наставно-научен кадар. „Да, имам прочитано некои од забелешките“, додаде таа, потенцирајќи дека дел од критиките се прегенерализирани и наполнети со флоскули.

Јаневска објасни дека законот е изработен според европските и светските стандарди. Со него се подобруваат правата на студентите, се предвидува две години мандат за сите тела на универзитетите, се дава предност на најдобрите студенти кои се враќаат од престижни универзитети, како и на добитниците на инжинерски прстен и десетте најдобри студенти на универзитетите. Дополнително, законот предвидува сума за демонстраторите и вработување на студенти на проекти.

Министерката, реагирајќи на критиките на опозициските пратеници, нагласи дека членот 13 зборува за автономија и за чување на автономијата на универзитетите, а не за мешање на државата. Таа истакна дека во изработката на законот учествувале над шеесет професори и дека ќе се одржат низа расправи со цел дополнителни консултации.