Јаневска: Нема намалување на бројот на студентски стипендии

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска денеска на својот Фејсбук профил излезе со реакција по повод соопштението на опозициската СДСМ.

Како што вели, нема намалување на бројот на студентски стипендии.

„Министерството за образование и наука постојано работи на подобрување на стандардот на македонските студенти и во ниту еден момент не е поставено прашањето за намалување на вкупниот број на стипендии или укинување на одредена категорија.

Да се прејудицира уште од сега дека се намалени стипендиите е чиста манипулација на политичката партија СДСМ, бидејќи бројот на стипендии не е уреден со законско решение, туку се одлучува на годишно ниво, согласно Буџетот и согласно потребите на државата.

Со предложените измени на Законот за студентски стандард се предвидува подобро прераспределување на стипендиите во рамките на квотата која на годишно ниво ја утврдува министерството и предвидува во конкурс, со цел да им се излезе во пресрет на студентите и да имаме стипендии кои се базираат на успех, на потребите на државата и на пазарот на трудот.

Во последните пет години, квотата за социјални стипендии не се исполнува, односно истите не се доделуваат во бројот кој е предвиден. Тоа е позитивна статистика и не вреди да се напаѓа, имајќи предвид дека станува збор за „социјална категорија на граѓани“. Од друга страна пак, кога квотата од една група не се исполнува, таа не може да се пренесе во друга група и заради тоа остануваа недоделени стипендии.

Измената на законот дава основа за јасна дистинкција меѓу категориите на стипендии, за кои потоа на годишно ниво, врз основа на Програмата за развој и унапредување на студентскиот стандард и Конкурсите ќе се утврдуваат бројот на стипендии по категорија и износот на стипендијата за секоја посебна категорија.

Манипулации се и информациите во врска со надоместокот кој го плаќаат студентите за сместување во студентските домови. Во ниту еден член во предлог законските измени не е наведена партиципацијата која ќе ја плаќаат студентите, за да се прејудицира дека таа ќе биде поголема од постојната. И партиципацијата, како и студентските стипендии се утврдува на годишно ниво со Програмата.

Сакам да информирам дека работиме на ново законско решение со кое ќе ги преземе платите на вработените во студентските домови, за да се намали товарот врз партиципацијата која ја плаќаат студентите, а од која досега се финансираат платите на вработените во студентските домови.

Најважно од сé е дека ова лето започнува реконструкција на сите студентски домови, кои по нивното завршување ќе бидат енергетски ефикасни, со подобрен комфорт, најсовремена опрема и уредување, со што нема да има студентски дом кој ќе остане нереновиран. Груба манипулација е поделбата на домови за „сиромашни“ и за „богати“, особено кога државата спроведува огромен проект за целосна реконструкција на СИТЕ студентски домови.

Што се однесува до мерката на СДСМ за Ковид кризата, добро е кажано во нивната реакција, таа се однесуваше само на КОВИД кризата. Истата беше недоразвиена и неприменлива, без наведени критериуми како да се спроведе, како да се избере приватно сместување, кој ќе гарантира и кој ќе ја проверува безбедноста во приватното сместување и слично. Никој не посакува повторно да се воведе мерка за кризна ситуација, иако постои инструмент „Уредба со законска сила“ со кој веднаш може да се интервенира во Законот. Сепак, мерките треба да имаат применливост за да можат да бидат вистински мерки, а не само на хартија“, вели Јаневска.