Идниот министер за образование, проф д-р Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ денеска во изјава за ТВ21, а по добивањето дозвола за Медицински факултет на градоначалникот Рамиз Мерко, најави ревизија на универзитетите, високите школи, како и студиските програми за медицина.
Според неа, во Македонија несоодветно и без база и анализа се отвораат премногу универзитети и високи школи кои не покажуваат никаков ефект.
„Приватните универзитети беа предвидени да бидат конкуренција на државните, меѓутоа во практиката се испостави дека тоа не е така, напротив на сите квалитетот на образование опадна. Во тој правец ВМРО-ДПМНЕ и Комисијата за образование и наука и во својата програма има предвидено сериозна анализа на бројот на факултети, универзитети, студиски програми кои ќе мора да се ревидираат и дел од нив и треба да престанат со работа затоа што навистина ние не го гледаме бенефитот од тоа што моментално се случува. Ние имаме 3 медицински факултети, повеќе од 3 високи школи, средни школи за медицински сестри, високи школи за медицински сестри“, вели Јаневска за ТВ21.
Според неа, ефектот од тоа на крај се сведува брзо знаење, односно не ефикасно знаење.
„Ќе бидам отворена и ќе кажам не знање, за воглавно учениците или студентите да се стекнат со диплома за да можат да бидат вработени, и тоа вработени воглавном под партиски клуч. Голем дел од нив наместо да дадат свој придонес во земјава, оние што учеле навистина, купуваат карта во еден правец кон земјите од ЕУ. Македонија од тоа нема никаков бенефит, кадарот на труд нема никаков бенефит. Што е најстрашно кога разговараме за партиските струки, пациентите не само што немаат бенефит туку тие можат да имаат и сериозна штета“, додава Јаневска за ТВ21.
Во однос на универзитетот на Мерко, таа вели дека не би преудицирала ништо во овој момент.
„Ние се уште не знаеме кој ќе биде иден министер за образование, но кој и да биде министер, треба да направи сериозна ревизија, не само на овој универзитет туку и на многу други“, вели Јаневска за ТВ21.
