И покрај тоа што граѓаните се третираат како оздравени, тие најчесто по одреден период се соочуваат со постковид реакции. Здравствените работници велат дека тоа е резултат на сето тоа што не знаеме што прави Ковид19 вирусот во организмот.
Техничарот од одделението за микробиологија, Денис Јанкуловски вели дека сето ова е ново за медицинските работници и дека сите тие симптоми и промени кои што се јавуваат во организмот, се постковидни состојби кои не се занемарливи.
„Велат, одиме на работа, туркаме, ама се уште не се чувствуваме како да ни фали уште енергија. Тоа веројатно е резултата на сето тоа што не знаеме што прави вирусот во организмот. Напаѓа сетило, се губи вкус, мирис, и тоа се враќа кај некого по неколку месеци, напаѓа нервен систем, ги напаѓа белите дробови, каде што очигледно се случуваат некои промени кои што знаат и не дај Боже да завршат и фатално. Така да, учиме сите, учиме ние на терен, учиме од симптомите кои што ги кажуваат луѓето, секој ден како да се надополнува сликата со симптомите. Матичните лекари и тие максимално се трудат, се борат со една ситуација, па се надополнува со друга, тие дидимери што ги кажуваат, тешко се враќаат некогаш, но сите учиме и сите се бориме на некој начин со целата оваа ситуација“, истакна Денис Јанкуловски.
Психичкиот момент како постковид реакција исто така е многу важен, смета Јанкуловски.
„Ќе има многу работа за психијатрите и за психолозите, се надевам дека нема да има, но реалноста е сосема поинаква. Луѓето во почетокот беа во паника, затоа што не знаевме со што се соочуваме, последните месец дена сметам дека тоа е малку засилено заради онаа крајно неубавата бројка од починати секојдневно и мислам дека е многу потребно на тие луѓе им се помогне некако. Знаете, добар збор, убав збор влевање оптимизам сето тоа влијае, кај некого повеќе, кај некого помалку, меѓутоа влијае“, посочи Денис Јанкуловски.
Јанкуловски смета дека со масовната имунизација ќе стивне и бројот на заразени и мртви од корона вирусот. Додава дека со вакцинацијата ќе се скрати периодот на агонија за многу луѓе, на неубавото чувство што воопшто не сме излезени и не сме се виделе со луѓето. Јанкуловски уште еднаш повтори дека вакцинацијата не штити сто проценти, што значи дека како и за секоја друга вакцина, ние можеме да се заразиме но тоа би било во многу поблага форма. Од понеделник во салата „Борис Трајковски“ ќе стартува и масовната вакцинација. Ќе работат 25 медицински сестри и 5 доктори. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека за кратко време ќе се зголемува бројката и дневно ќе се вакцинираат по 7.000 граѓани.
