Јанша номиниран за премиер, во петок се гласа за новата Влада на Словенија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Група пратеници од Словенечката демократска партија го номинираа лидерот на партијата, Јанез Јанша, за следен премиер на Словенија, откако неговата кандидатура беше поднесена до Националното собрание со потписи од 48 пратеници.

За избор на премиер во Националното собрание на Словенија, кое брои 90 пратеници, потребно е апсолутно мнозинство од 46 гласа. Гласањето, според најавите, може да се одржи најдоцна до петок.

Се очекува Јанша да се обиде да формира своја четврта влада со партии од десниот центар и со поддршка од сојузот предводен од Нова Словенија, како и од партијата Ресница, пренесе српски „Јуроњуз“.

Јанша досега трипати бил премиер на Словенија, но само еднаш го завршил целиот мандат. Доколку повторно биде избран, ова би била негова четврта влада и прва целосно десно ориентирана извршна власт.

Тој изјави дека органите на СДС ја потврдиле содржината на коалицискиот договор со повеќе опозициски партии, со што, како што наведе, се исполнети условите за поднесување на неговата кандидатура за мандатар.

По седницата на Советот на партијата, Јанша соопшти дека завршува постапката за потврдување на коалицискиот договор, бидејќи дел од потенцијалните партнери веќе ги донеле своите одлуки.

Според него, договорот за коалициска соработка треба да биде финализиран до крајот на неделата, а потоа ќе следува и распределба на ресорите во идната влада.

Идната коалиција засега располага со 43 пратенички гласа, но партијата Ресница најавила поддршка за Јанша и при гласањето за мандатар, што би можело да го обезбеди потребното мнозинство.

Политичката сцена во Словенија во изминатиот период беше обележана со тензии, а изборната кампања донесе обвинувања поврзани со прислушкување и политички притисоци.

На последните избори, Движењето Слобода на премиерот Роберт Голоб извојува тесна победа, но не успеа да обезбеди стабилно мнозинство, што подоцна доведе до политички блокади и отвори простор за нови коалициски прегрупирања.