Јапонските навивачи го привлекоа вниманието на Светското првенство во Катар, но не поради гласната поддршка за својата репрезентација, туку затоа што останаа да го чистат стадионот по натпреварот.
Многу луѓе се прашуваат зошто Јапонците остануваат некое време на стадионот по натпреварот и го собираат целото ѓубре околу себе, иако не мораат.
Истото го прават и јапонските фудбалери со соблекувалната која ја оставаат целосно чиста и уредна.
Following their historical win over Germany, Japan fans stayed to clean up the stadium ❤️👏 #SamuraiBlue pic.twitter.com/ABogrUVDjg
— FCB One Touch (@FCB_OneTouch) November 23, 2022
Ал Џезира праша неколку јапонски фанови во Катар зошто го прават ова, а објаснувањето секако е интересно.
„Нашите срца се чисти, па трибините мора да бидат чисти. Тоа значи дека нашата репрезентација ќе ја оствари својата судбина“, изјави еден јапонски навивач по победата на Јапонија над Германија.
Кесите имаат друга намена
„Воспитани сме да оставиме сè зад себе во најдобра можна состојба и секогаш да изразуваме благодарност“, рече друг навивач, а трет додаде: „Така нè научија нашите родители и училиштето“.
Тогаш наиде навивач со сини чанти и патем понуди уште едно објаснување: „Овие торби им ги даваме на сите навивачи кои седат на местата каде што треба да седиме, за кога ќе победи нашиот тим, да направиме сина кореографија, а подоцна ги користиме за собирање ѓубре. Чистотата и уредноста што ги оставаме се дел од нашата култура“, објасни јапонскиот навивач.
