Јавниот простор да се уредува според потребите на граѓаните- наместо бетонизација и запуштен јавен простор, да креираме убав град за сите граѓани. Ова беа дел од поентите на петтиот Социоеколошки форум кој се одржа во конференцискиот простор CoWork21 во Телевизија 21. Млади луѓе, експерти од земјава и странство, политичари, активисти од граѓанскиот сектор со размена на идеи како да креираме едно поправедно и по зелено општество.
„Едното е да се создаде простор кој е отпорен на климатските промени, односно го третираме проблемот со недостаток на зеленило во јавниот простор кое е многу видлив посебно во Скопје, бидејќи се случува една преголема бетонизација и секоја педа ја користиме за нешто да се изгради, наместо да се ослободи. Втората работилница е инклузивност, односно дека тој простор треба да биде достапен за сите и дека секој нели би можел да пристапи. Ова зборувам за несоодвета денивелација на јавниот простор, што ја прави недостапна за лица со посебни потреби, можеби мајки со колички. И третото е како да се направи просторот да е енергетски поефикасен“, изјави Ива Петрунова, Архитект и урбан социолог.

„Овој пат одлучивме да ги собереме сите чинители, активисти, политичари, граѓанскиот сектор и мислителите од Европа за да може да дискутираме за „плејсмејкингот“, бидејќи не е само урбанистички концепт, туку како алатка за да може да креираме едно поправедно и по зелено општество, за кој што треба да живее секој еден од нас“, изјави Марко Михаилоски, извршен директор на Прогрес институт.

Учесниците со порака до политичарите, да не се водат од популарните мислења за да ги придобијат гласачите, туку да го уредуваат просторот според нивните потреби.
„Кога станува збор за политиките кои ги прават нели нашиве политичари и нашиве партии, сметам дека има еден огромен проблем со недоволно образование, недоволна информираност и секако присутна шпекулација. Мислам дека еве како сведоци на политичкава кампања која се случуваше, дека политичките партии се водат од популарните мислења, сакајќи да ги придобијат гласовите, меѓутоа многу мал дел од нив навистина разбираат што е потребно во просторот и кои се тие алатки како тоа да се направи за да биде нели убав град за сите граѓани“, рече Петрунова.
Организатори на Петтиот Социоеколошки форум се Фондацијата „Фридрих Еберт“- Канцеларија Скопје и „Прогрес“ Институт за социјална демократија.
