Законот за правична застапеност, како механизам за утврдување на етничката припадност на вработените, ќе го користи јазикот наведен во личната карта на лицето што ќе се пријави на конкурс.
Првиот вицепремиер на Владата, Изет Меџити, изјави дека мајчиниот јазик ќе биде клучен за утврдување на етничката припадност, врз основа на која ќе се вршат идните вработувања според новиот Закон за правична и соодветна застапеност.
„Ова веќе не е само правно решение, туку е посебен закон за соодветна застапеност, и во него е вклучена личната карта и другите лични документи за утврдување на етничката припадност – без да се изјави ништо, јасно се гледа на која етничка припадност му припаѓа лицето.“, изјави Меџити.
Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, изјави дека определувањето на квотите во рамки на новата методологија за правична застапеност ќе се базира врз последниот попис на населението.
Фетаи истакна дека во новиот закон не се прецизира дали се работи за резидентно или нерезидентно население, туку се зема вкупниот број на популацијата.
„Што се однесува до прашањето на резидентно и нерезидентно население, сакам да потсетам дека таквите категории беа создадени преку методологијата на пописот, а не постоеја во законот. За тој дел има и предмет во Уставниот суд и треба да го видиме неговиот епилог. Одговорноста ќе биде во рамки на координативното тело, кое заедно со Агенцијата за администрација ќе ја донесе и новата методологија.“, вели Фетаи.
За спроведување на законот, се најавува формирање на координативно тело на политичко ниво, предводено од вицепремиер, во кое ќе учествуваат и министерот за јавна администрација, министерот за финансии и Агенцијата за администрација, кои треба да ја конкретизираат содржината на методологијата.
Овој закон следува по укинувањето на механизмот Балансер од страна на Уставниот суд. Вицепремиерот Меџити упати апел до опозицијата да биде конструктивна и да поддржи проекти кои се во интерес на граѓаните и, како што додаде, се во духот на Охридскиот рамковен договор.