ЈКП „Стандард“ почна со замена на вентилите на водоводот Росоки-Дебар

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

 Почна реализацијата на проектот за замена на старите вентили на водоводот Росоки-Дебар, од кој со вода за пиење се снабдува Дебар, дел од Центар Жупа, преку кракот кој се одделува кај Мелнички Мост, како и селата Долно Косоврасти и Рајчица.

-Станува збор за првата фаза од проектот финансиран од буџетот на Општината а во рамки на напорите за навремено и квалитетно снабдување на корисниците. Денеска планираме смена на 12 вентили, од нив шест воздушни и исто толку испусни вентили, изјави за МИА, Бурим Каба, директор на Јавното комунално претпријатие „Стандард“, кое стопанисува со водоводот.

Додава дека ќе биде извршена замена на сите 34 вентили, од нив 19 воздушни и 15 испусни, што го реализираат самите вработени на претпријатието.

-Овој проектот, е повеќе од неопходен, со што ќе се обезбеди поголема издашност на вода во резервоарите. Ги замолуваме корисниците за разбирање, поради прекинот во снабдувањето што денеска дојде заради зафатот и тоа од 7 до 22 часот, посочува Каба.

Водоводот Росоки-Дебар е изграден 1988 година со зафаќање на вода од изворите кај селото Росоки, Мала Река, во должина од 32 километри, а според Каба, ова е прв ваков значаен зафат на водоводот.