Јошевска: Обвинението е замка која создава хаос, не правда

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сузана Јошевска Анастасовска, адвокатка на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џаферовски, остро го критикуваше обвинителството за случајот „Пулс“, оценувајќи дека обвинението е погрешно конструирано и води кон хаос, наместо кон вистинска правда.

Во својот воведен говор, Јошевска посочи дека обвинението ги меша емоциите со правото и ја користи трагедијата како алатка за кривично гонење, без да се заснова на конкретни факти и законски овластувања. „Јавноста се вовлекува во хаос кој не е резултат на факти, туку на погрешна правна рамка, која претвора случај кој бара правда во масовен казнен каталог“, рече таа.

Адвокатката нагласи дека трагедијата никогаш не смее да се користи како правен инструмент и дека секој збор во судницата има граници. Според неа, обвинението го пренесува товарот на кривична одговорност на лица кои немаат надлежности за настаните што се предмет на судењето, што може да доведе до неправедни пресуди.

„Не смееме да дозволиме ова обвинение да ја продолжи трагедијата или да создаде нови жртви. Нашата теорија се заснова на правни, а не фактички аргументи, бидејќи мојот клиент не е кривично одговорен за настаните во ‘Пулс’“, додаде Јошевска.

Таа посочи дека Џаферовски, како директор на Дирекцијата за заштита и спасување, бил одговорен само за управни функции и стратешки документи, без ингеренции за контрола на стопански објекти, и дека обвинението го става во неповолна положба со погрешна примена на законската рамка.

„Правдата се гради на вистина и факти, не на емоции и колективна болка. Не можеме да дозволиме погрешна квалификација на дејствија да го направи мојот клиент виновен за нешто за што не носи одговорност“, заклучи Јошевска, повикувајќи на внимателно и објективно разгледување на случајот.