Јованови изразија сочувство до Кулакови: „Васил го украл возилото вечерта кога загина Фросина“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Родителите на возачот Васил Јованов изразија сочувство до родителите на загинатата Фросина Кулакова. Неговиот адвокат Сашко Дуковски информира дека Васил вечерта бил на отворање на кафуле на пријател, каде пиел алкохол, а според таткото, тие не знаеле дека тој го зел возилото.

„Кога заврши со часовите со инструкторката, мислам дека беше девојче, сам си ја најде, кога пројде низ тој процес претпоставувам дека помислил дека знае да вози, претпоставувам, и го има украдено автомобилот. И тогаш го има украдено автомобилот“, изјави Зоран Јованов, татко на осомничениот.

Родителите истакнаа дека тие не се влијателни како што се претставени во јавноста. Мајката негираше дека се мешале во носењето на судската одлука за неговото претходно дело поврзано со дрога, по информациите во јавноста дека таа работела во иста фирма со сопругот на судијката.

„Јас првпат и единствен пат ја видов таа госпоѓа во мојот живот, во рамките на самата судница, на рочиштата и ниту во овој момент јас не знам чија сопруга е. Можеби е сопруга на некој мој поранешен колега, но јас не сум свесна за тоа. Бог ми е сведок“, изјави Ана Јованова, мајка на осомничениот.

Бранителот Дуковски апелираше да се остават правосудните органи да си ја завршат работата и во јавноста да не се споделуваат невистини кои дури создаваат и повици на линч, со барања „око за око“.

„Вчера беа донесени првите наредби за сообраќајно-техничко вештачење, но јавноста беше индоктринирана со неколку нереални, неточни изјави и насочени кон подигање на јавниот гнев и повик на линч кон осомничениот Васил Јованов“, изјави Сашо Дуковски, адвокат на возачот.

Дел од адвокатите пак, кои гостуваа во емисијата „Дејли клик“ истакнаа дека со оглед на околностите осомничениот Васил Јованов го очекува строга казна.

„Не можете да се исклучите од притисокот на јавноста. Фала Богу дека притисокот на јавноста ќе си го направи своето, слушајте ме, дека за оваа незгода сигурно ќе добие двоцифрен, барем јас така мислам, двоцифрен број на години во затвор“, Јанаки Митровски, адвокат.

„Најголемата изречена казна затвор за ваквиот вид на кривични дела е од осум години и наназад ако се навраќаме тоа засега е највисоката казна затвор. Никој нема да биде имун на ова што се случи со трагичното загинување на Фросина – консумација на сите елементи коишто значат умислено сторување на кривичното дело“, изјави Асмир Алиспахиќ, адвокат.

Инаку, адвокатот Дуковски вели дека е неточно тврдењето дека Васил се обидел да бега, напротив имал искрено каење за настанот. Тој додава и дека не може да се шпекулира со која брзина возел, зашто сега трае експертизата. Дуковски истакна и дека тие нема да се „вадат“ на непресметливост на Јованов, како што се тврдело.