Новиот градоначалник на Кичево, Александар Јовановски ја презеде новата функција од страна на неговиот претходник Фатмир Дехари. Јовановски му се заблагодари на Дехари за досегашниот придонес и најави изградба на локална самоуправа блиска до граѓаните, отворена за идеи и решенија и која ќе ги слуша сите.
„Со голема чест и чувство на одговорност денеска 10.11.2025 г ја преземам функцијата градоначалник на нашиот град Кичево. Оваа должност не ја гледам како привилегија, туку како обврска, обврска пред Вас, граѓаните, да работам посветено, транспарентно и во интерес на сите.
На самиот почеток сакам искрено да му се заблагодарам на досегашниот градоначалник, г-дин Фатмир Дехари, за неговиот долгогодишен ангажман и придонес. Почитта кон сработеното е темел на секој напредок, а континуитетот и соработката се клучот за идни успеси.
Нашиот град има потенцијал, има вредни луѓе и има визија за подобра иднина. Мојата цел е да изградиме локална самоуправа која ќе биде блиска до граѓаните, отворена за идеи и решенија, и која ќе ги слуша сите, без разлика на политичка, етничка или верска припадност, сите се поддеднакво важни!
Верувам дека со заедничка работа, искрен дијалог и посветеност ќе создадеме поубав, поправеден и поуспешен град за сите нас и за идните генерации.
Нека е аирлија, да продолжиме напред заедно, за мене како што знаете поделбите не постојат, она по што ќе се водиме е достоинствен живот за сите!“, напиша Јовановски.
