Владата на седница на 9 декември го усвои Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, по претходно добиено негативно мислење од Советот на јавни обвинители.
Во Собранието синоќа пристигна Предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Со тоа, продолжува постапката која веќе беше поведена од страна на Владата, но поради законските ограничувања беше привремено стопирана за време на изборниот период.
Според ТВ21, во рок од десет дена пратениците во Собранието ќе треба да се изјаснат и да гласаат за неговото разрешување.
Паралелно со институционалната постапка, во јавноста веќе кружат шпекулации за можните наследници на Коцевски. Според неофицијални информации, меѓу имињата што се споменуваат се Јово Цветановски, Златко Биковски, Анита Топалова-Исајловска и Владимир Милошески.
Сепак, Главен јавен обвинител ќе биде избиран на јавен повик, на кој ќе може да се пријави секој оној кој ќе ги исполнува условите согласно закон и објавениот повик.
На почетокот на годината, Владата иницира постапка за разрешување на Коцевски од функцијата државен јавен обвинител, која беше прекината по пожарот во Кочани.
Премиерот тогаш изјави дека постапката треба да остане во фазата во која се наоѓа во моментот поради настанатата трагедија и дека на обвинителскиот тим треба да му се даде шанса да работи на истрагата.
Очекувањата се дека во наредните денови процесот ќе добие појасни насоки, а конечната одлука ќе зависи од исходот на гласањето во Собранието.
