Јубилејниот „Прилеп џез викенд“ го слави 15. издание со богата музичка програма

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со настапот на „Џез за Чудаци“ вечерва во Прилеп продолжува 15. јубилејно издание на „Прилеп џез викенд“. Утревечер фестивалската публика ќе има можност да ги проследи настапите на „Пијан славеј“ и „PEACH VICE“.

Фестивалот започна синоќа во киното „Мис Стон“ со настапите на Глигор Кондовски, Дориан Јовановиќ и групата „Сетстат“. Програмата ќе трае до сабота, 3 октомври.

Во изминатите 15 години, „Прилеп џез викенд“ прерасна во препознатлив културен настан, на кој настапиле бројни музичари од Македонија и од регионот.

Организаторката Снежана Ристеска вели дека интересот на публиката и поддршката од уметниците се главниот мотив фестивалот да продолжи, и покрај предизвиците со кои се соочувал низ годините.

Таа посочува дека фестивалот придонесува Прилеп да биде дел од културната мапа на земјава и регионот, а џезот постепено добива сè поширока публика.

Според Владан Дробицки од „Сетстат“, македонската џез-сцена има два главни сегмента – мејнстрим и алтернативна сцена. Тој особено ја издвојува андерграунд сцената, која, како што вели, е исклучително активна и разновидна.

Музичарот Дориан Јовановиќ оценува дека џезот во Македонија денес има жива и разновидна сцена, а како значаен чекор го посочува и постоењето на Националниот џез оркестар.

Фестивалот „Прилеп џез викенд“ е финансиски поддржан од Општина Прилеп.