Јустина Широка-Пула избрана за претседателка на Косово со 81 глас

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Косово доби нова претседателка во последните моменти пред истекот на уставниот рок. Собранието ја избра академичката и економистка Јустина Широка-Пула со 81 глас, со што беше избегнато распуштање на парламентот и одржување нови предвремени парламентарни избори.

Гласањето се одржа во текот на ноќта, а изборот следуваше по политички договор меѓу владејачкото Движење Самоопределување на премиерот Албин Курти и Демократската партија на Косово. Претходно, Собранието со 88 гласа ги усвои измените на Законот за Специјализираните совети, по што се премина на изборот на претседателка.

Широка-Пула беше предложена од Самоопределување, додека кандидатка на ПДК беше Елиза Хоџа. За Широка-Пула гласаа 81 пратеник, со што го обезбеди потребното двотретинско мнозинство во 120-членото Собрание.

Нејзиниот избор има и верска симболика. Широка-Пула е првата католичка претседателка на Косово, земја во која според пописот од 2024 година 93,49 проценти од населението се изјасниле како муслимани, додека 1,75 проценти се изјасниле како католици. Нејзината вероисповед, според извештаите, не била тема во политичките преговори околу изборот.

Широка-Пула е родена во Приштина во 1953 година. Таа е економистка, универзитетска професорка и академик. Во 2025 година беше избрана за претседателка на Академијата на науките и уметностите на Косово, станувајќи првата жена на чело на оваа институција.

Во политичкиот живот била министерка за енергетика и рударство од 2008 до 2011 година, а од 2011 до 2014 година била пратеничка во косовското Собрание од редовите на Демократската партија на Косово.

По изборот, Широка-Пула порача дека претседателскиот мандат не му припаѓа само на еден човек, туку на сите граѓани, и вети дека ќе биде претседателка на сите граѓани на Косово.