За поранешниот прв вицепремиер Артан Груби постои сомнение дека е во Албанија. Ова го изјави и неговиот наследник на функцијата во владата Изет Меџити. Сепак, тој денеска вели дека остава на надлежните органи да се позанимаваат со неговото следење. Пред неколку дена беше пријавено дека Груби бил виден на бензинска пумпа во Албанија, но тоа не е докажано. Ниту властите не соопштуваат дали Груби е пријавен за влез во Албанија, иако по него има меѓународна потерница. Меџити вели дека кривичното гонење на Груби е порака дека никој нема да биде над законот.
Од ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со критики до СДСМ велејќи дека знаеле за криминалите на Груби, а молчеле за да не падна владата.
Неколку часа пред почетокот на полициската акција, минатиот викенд Груби придружуван од локален бизнисмен, во својство на почесен конзул, со автомобил со дипломатски регистарски таблички, поминал преку преминот Блаце кон Косово. Два дена подоцна беше распишана меѓународна потерница за неговото бегство и за поранешниот директор на „Лотарија“, Прпарим Бајрами, кој веќе две недели е во странство, велат надлежните.
Скопското обвинителство побара притвор во отсуство за осомничените за кривичното дело „Присвојување во служба“ во Македонска лотарија, нанесувајќи му штета на буџетот од околу 8 милиони евра.
Пред тоа беше отворена предистражна постапка од страна на обвинителството според укажувањата на американскиот Стејт департмент, каде Груби и апелациониот судија Енвер Беџети беа ставени на црна листа за корупција.