Летната атмосфера на скопските улици е жива, но портфелот на граѓаните се чини дека сè повеќе ја чувствува цената на „малите задоволства“.
Во кафулињата околу плоштадот „Македонија“, цената на едно кафе веќе се движи од 120 до 150 денари, додека другите пијалаци како пиво или природни сокови надминуваат и 200 денари.

Го прашавме претседателот на Синдикатот за гастрономија и туризам (СУТКОЗ) дали се оправдани цените на кафето и генерално на услугите во кафеаните и рестораните во главниот град.
„Апсолутно не, мислам дека цените не ја одразуваат реалната економска состојба, така што нашите граѓани, работниците, да можат да пијат кафе на плоштад, според мене, е премногу скапо“, вели Стојанче Кашиковски.
А колку чини во Софија, Бугарија, членка на ЕУ?

„Во Софија мислам дека е околу 4 лева, или 2 евра, што е помалку отколку во центарот на Скопје“, вели Јордан Јорданов.
Иако цената на кафето е малку „солена“, од синдикатот на гастрономијата алармираат и за недостиг на работници. Велат дека келнерите заминуваат да работат во Хрватска и Словенија, поради повисоки плати.

„За жал, нашите социјални партнери, работодавачите, постојано алармираат за недостиг на кадар во гастрономијата, а исто така и во туристичкиот сектор. Причината, според нас како синдикат, се ниските плати што ги добиваат работниците во овие сектори и секојдневно гледаме одлив на младите во Европа и соседните земји, каде што платите се повисоки“, вели Стојанче Кашиковски.
Според експертите од пазарот, цените на кафето се под влијание на повеќе фактори: порастот на светските цени на сурово кафе, повисоките трошоци за кирија и работна сила, особено на фреквентни локации како плоштадот, како и општиот инфлациски притисок, кој оваа година во секторот на гастрономијата достигна ниво од над 6%.
