Улица Македонија во центарот на Скопје „вриеше“ од луѓе, но поради подготовките кои се прават во кафулињата. Од утре ги отклучуваат вратите, но мора да се придржуваат до посебни протоколи. Некои поставуваа средства за дезинфекција.
Други ги чистеа излозите за слатки…
Но, имаше и такви кои носеа столови и маси бидејќи го смениле локалот…
Периодот од 2 месеци, колку беа затворени, некои ги искористија за реновирање…
Но, како треба да се однесува еден граѓанин во кафуле?
-Еден граѓанин за да оди во кафуле на кафе од утре мора да носи маска до влезот на локалот, бидејќи сѐ уште е на сила владината одлука за задолжително носење заштитна опрема. Во моментот кога ќе дојдете до кафулето или ресторанот, ќе мора да ги дезинфицирате рацете на влезот…
Откако ќе ги дезинфицираме рацете подготвени сме да влеземе во ресторанот. Но, од безбедносни причини, пожелно е вратата да се отвора вака…-јавува репортерот на ТВ21.
Откако ќе влеземе во кафулето, ќе видиме дали има слободна маса, ако има – ќе седнеме. Со оглед на тоа дека ги дезинфициравме рацете на влезот, нема потреба да го правиме истото и на маса, иако на секоја маса има средство за дезинфекција.
-Досега носевме маска, но за да го испиеме кафето секако мора да ја тргнеме. Но, бидејќи на маса сме четворица, мора да седиме без маски затоа што мора да го испиеме кафето-
Кафе ќе може да пиете само на тераса, бидејќи така предвидува протоколот објавен од Министерството за економија, објаснува менаџерот на ресторанот „Сквер 21“.
Според протоколот, угостителите ќе можат да работат само до 20 часот, но од Министерството за економија велат дека ќе има измени, па така работното време ќе биде продолжено до 22 часот. Од Угостителската комора сметаат дека на овој начин на функционирање на кафулињата е нејасен, бидејќи правилата не се дефинирани јасно, а се очекува со работа да почнат од утре. За овие забелешки е известен и министерот за економија, Крешник Бектеши.
-Добивме забелешки од стопанските комори во однос на протоколите. Донесовме одлука за отворање на угостителските објекти. Од утре почнуваат со работа оние кои имаат тераси-рече Бектеши.
Кафулињата ќе работат до 20 часот, а нема да можат да организираат ниту дневни забави. Одлуката за отворање на угостителските објекти беше донесена вчера на владина седница, а по препорака на Комисијата за заразни болести.
Во меѓувреме Владата го донесе протоколите за отворање и работа на кафулињата и угостителските мерки кои може да ги прочитате ТУКА.
