Како ќе се постигне двотретинско мнозинство за уставните измени се уште е нејасно иако кај власта постои оптимизам дека ќе обезбеди 81 глас за внесување на Бугарите во Уставот. Од СДСМ велат дека сега е време за конструктивност од сите пратеници за да се продолжи по европскиот пат.
„Очекувам конструктивност од голем број на пратеници, дека ќе бидат наспроти деструкциите и блокадите којшто ги прави Христијан Мицкоски и неговиот партнер Димитар Апасиев. Јас очекувам во периодот што следи да се отворат и широки дискусии, разговори со сите поединечно се со цел државата да продолжи по европскиот пат оној којшто го избраа поголемиот број на пратеници во Собранието, оној пат позди којшто стојат и граѓаните и е во насока и во интерес на државата.“, вели Дарко Каевски од СДСМ.
Но од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и натаму се децидни. Нивната пратеничка група, велат, нема да гласа и уставните измени нема да се случат.
„Јасно е дека нема да има уставни измени и тоа е дефинирано од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Цената која што сака да ја плати оваа Влада на Ковачевски е преголема и уште еднаш да потенцирам, под овие околности неуставни измени, односно околностите кои што ги нуди Владата на Ковачевски. Не смее да се случи уште едно предавство на Република Македонија кое што нормално потекнува од СДСМ.“, изјави Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Уставните измени за внесувањето на Бугарите во Преамбулата е условот со кој Македонија ќе може да ги почне преговорите со отворањето на поглавјата. Мицкоски во јавноста излезе дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ потпишале изјави на нотар дека нема да гласаат за уставните измени.
