Како ќе се распределат 5% на блок тарифите?! – Мицкоски: Дали ќе има зголемување на цената на струјата, зависи од Регулаторот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Цената на струјата за домаќинствата од јануари најверојатно ќе се покачи во просек за околу 5 проценти, но се чека одлука како тоа ќе биде распределено во блок тарифите. Наредната недела Регулаторната комисија за енергетика ќе донесе одлука за цената на пренос, дистрибуција како и за операторот на пазарот, за кои тврдат дека нема да се зголемат. Но, најмногу на цената ќе влијае тоа што ЕСМ на тендерот на Универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ понуди цена од 65 евра за мегават час или за околу 5% повисока од претходниот тендер. Конечната пресметка ќе ја направи ЕВН Хоум и ќе ја достави до Регулаторна.

„По носењето на овие одлуки, кои што потенцирам дека во ниту еден случај нема да се зголема, ЕВН Хоум како Универзален снабдувач ќе направи пресметка согласно Законот за енергетика и таа пресметка ќе ја достави на увид до Регулаторната комисија за енергетика, дали е направена во согласност со тарифниот систем кој што е сега во сила“, вели Марко Бислимовски.

Премиерот Мицкоски вели – дали ќе има зголемување на цената на струјата, зависи од Регулаторот. Како Влада се откажале од либерализацијата на пазарот, еден од чекорите кои се дел од Планот за раст, бидејќи така струјата за граѓаните ќе поскапела за педесетина проценти. Уверува дека нема да има ценовен шок за граѓаните бидејќи Владата ќе продолжи да ја субвенционира цената.

„Ние јасно кажавме да тој чекор нема да го примениме, затоа што ако го примениме тогаш цената на електричната енергија нема да биде 62, 65 евра, туку ќе биде повеќе од 100 евра за домаќинствата. И тогаш вкупната цена за домаќинствата ќе поскапи, за дури фантастични педесетина проценти. Ние рековме тоа нема да го преземеме, со сиот политички ризик што го имаме како Влада и ќе продолжиме и понатаму да ја субвенционираме цената на електричната енергија за домаќинствата и сите оние потрошувачи што се на регулираниот пазар“, порача Христијан Мицкоски.

Според Бислимоски со блок-тарифите воведени 2022 година се намали потрошувачката на домаќинствата. А тоа остава простор ЕСМ да ја продава струјата на слободниот пазар и да ги намали загубите -бидејќи цената од 65 евра по која ќе ја продава на ЕВН Хоум е двојно пониска од пазарната, но и многу пониска од производствената.

„Со блоковската структура и со тоа што малите потрошувачи имаат повисока цена на регулираниот пазар целта ни е што е можно повеќе количини на електрична енергија ЕСМ да ги продава на слободниот пазар, каде што според последните фјучерси цената е околу 130 евра за мегават час“, вели Марко Бислимовски.

Инаку, новата цена на електричната енергија ќе важи од јануари, а ќе ја соопшти Регулаторна.