Калас: Албанија во ЕУ во 2030 година е можно сценарио

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија Каја Калас изјави дека иднината на Албанија е во Европската унија и дека таа придонесува за соработка и зачувување на мирот во регионот.

Во рамки на посетата на Западен Балкан, Калас ја посети Тирана, каде се сретна со албанскиот претседател Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама.

На заедничката прес-конференција со Рама, Калас истакна дека Албанија е навистина силен партнер на Европската унија и дека како членка на НАТО е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на Унијата.

„Вашата одлука за целосно спроведување на санкциите на ЕУ против Русија, заедно со вашата хуманитарна и политичка поддршка за Украина, всушност ја покажува вашата посветеност на вредностите на ЕУ и јас разбирам дека од политичка гледна точка тоа не е секогаш лесно да се направи“, рече Калас.

Калас истакна дека ЕУ е целосно посветена на Албанија и оти соработката е во корист на двете страни.

„Една од првите обврски што ги имав беше да го потпишам партнерството ЕУ-Албанија за безбедност и одбрана, а денес ќе ги видиме првите плодови, бидејќи ќе го започнеме првиот дијалог меѓу ЕУ и Албанија за безбедност и одбрана. Ова е навистина многу важен чекор, бидејќи дополнително ја продлабочуваме соработката во безбедносниот сектор. тероризам, управување со кризи“, рече таа.

На прашањето дали 2030 година е можна година за Албанија да стане членка на Европската унија, таа одговори дека е, доколку секој си го исполни делот од обврските.

„Иднината на Албанија е во Европската унија и со задоволство видов потпишување договор од 90 милиони евра со Европската инвестициска банка за реконструкција на железницата меѓу пристаништето Драч и Рогожина како дел од Коридорот VIII. Југоисточна Европа и ова е многу важно во овој момент во ова опкружување кога зборуваме за безбедност“, рече Калас.