Камчев е киднапиран, смета одбраната, останува во притвор нови 30 дена

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Единствениот доказ врз кој Орце Камчев заврши во притвор не е доставен до одбраната, па поради тоа поведуваат постапка за утврдување незаконитост на докази.

„Сите докази прибавени преку незаконит начин или со кршење на слободите и правата како и доказите произлезени од ни, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука“, посочи Тони Менкиновски, адвокат на Камчев.

Одбраната смета дека Агенцијата за национална безбедност постапила спротивно на своите надлежности предвидени со закон и го следела Камчев од 12-ти до 14 февруари без налог на Суд.

„АНБ Ако имала било каква индиција во врска со вакви настани, морала да го информира Бирото за јавна безбедност да ја запази процедурата и БЈБ согласно законот мора да го информира јавниот обвинител кој го водел предметот како би се постигнало легалитет и легитимитет на прибавувањето на доказите во постапката“, рече Тони Менкиновски, адвокат на Камчев.

Во документот на одбраната пишува дека одреден е притвор поради соработка со бугарски агенти и план за бегство, без притоа да се презентираат докази.

Се обидовме да стапиме во контат и со АНБ, испративме прашања дали добиле налог за ПИ мерки од судот, како Камчев претставува закана за безбедноста на државата и зошто доколку информации не ја информирале БЈБ. Одговор до овие вести не добивме. Во последното нивно соопштение велат дека имале информации за бегство на Камчев и за тоа навремено го информирале јавниот обвинител, а судот го прифатил предлогот за мерка притвор.

„АНБ во рамките на своите надлежности согласно член 6, а во врска со член 4 од Законот за АНБ, достави до надлежното Јавно Обвинителство информација за добиени сознанија за преземени подготвителни активности за бегство на именуваниот во странство, а поврзани со тековните постапки кои Обвинителството ги води против него“, истакнаа од Агенција за национална безбедност.

На барање на обвинителката Лиле Стефанова, судот одреди нови 30 дена притвор за бизнисменот кој е приведен за предметот „Плацеви на Водно“. Претходно, адвокатите се жалеа и на условите во кои Камчев е сместен во затворот „Штука“. Ова го негираше директорот на затворот, Филип Андов. Народниот правобранител Насер Зибери констатираше дека Камчев сепак бил сместен во несоодветна просторија со несоодветни услови.