Камионџиите од земјава почнале да го селат бизнисот надвор од државата поради новите правила за влез и излез од земјите членки на Европската унија кои почнуваат да важат на 12 октомври – алармираат од асоцијацијата на камионски транспортер. Велат тоа ќе предизвика колапс и на македонското стопанство и помали приходи во државниот буџет. Во земјава има околу 1.800 фирми за превоз на стока кои вработуваат над 15.000 камионџии и уште 5.000 референти за логистика.
„веќе има кои што размислуваат и отвораат фирми надвор. Ќе се одрази на самите превозни трговски друштва, ќе се одрази на целото стопанство во нашата држава бидејќи ние увозот и извозот во државава која е увозно зависна е во 96% случаи се превезува по пат. Приливот на репроматеријали, трговски стоки па и лекови и други потреби кои што ги имаме целосно значи ќе се забават или ќе бидат прескапи заради тоа што ќе мора да се ангажираат некои странски превозници“, вели Билјана Муратовска.
Системот за електронска контрола на влез и излез во Шенген-зоната веќе неколкупати се одложуваше, но почнува од 12 октомври. Муратовска вели и до сега наши камионџии добивале забрана за влез во ЕУ, поради прекршување на поради правилото за престој од 90 дена во границите на ЕУ, но сега тоа ќе биде ригорозно бидејќи ќе се бројат деновите.
„За два месеца, неполни два месеца веќе ги исполнуваат, затоа што им ги пресметуваат и половинка и еден саат да останале на територијата на Шенген зоната им го пресметуваат цел ден. Ние имавме предлог ..да се одложи примената или пак да се пресметуваат во часови престојот“, вели Билјана Муратовска.
Министерот за транспорт Николовски неодамна вети дека ќе се заложи да се реши овој проблем кој го имаат не само нашите туку и сите возачи од трети земји, но за сега нема одговор. Муратовска вели за да се опслужат 2 камиони ќе требаат 4 возачи, и покрај тоа што нема возачи, трошоците за транспорт драстично ќе поскапат.