Кампања за купување на домашни земјоделски производи – квалитет и конкурентни цени се приоритет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за земјоделство и стопанските комори ја започнаа кампањата за поддршка на домашните земјоделски производи. Со слоганот „Најдоброто од Македонија: нашата традиција, нашата гордост“, министерот Трипуновски разговараше со раководството на Стопанската комора на Северозападна Македонија. Но, она што останува дискутабилно се често повисоките цени на домашните производи во споредба со истите што се увезуваат од регионот. Министерот рече дека работат на подобрување на сите модалитети.

„Целта на оваа кампања е да се даде епитетот на производител на земјоделски производи на Македонија со висок квалитет. Дополнителниот ефект од кампањата што го очекуваме е да им помогнеме на домашните компании кои се занимаваат со преработка на домашни производи, кои вработуваат наши граѓани, кои ги издржуваат своите семејства, и трето, како најважно, да ја развиеме домашната економија, за потрошените пари на граѓаните да останат во земјата, со што фактички се заокружува целиот процес.“, вели Трипуновски.

Од Стопанската комора на Северозападна Македонија велат дека ја поддржуваат кампањата за фаворизирање на домашните производи, но покрај квалитетот, тие треба да бидат конкурентни и со поповолни цени. Вршителот на должноста претседател на СКСЗМ, Нухиу Алиу, рече дека и државата треба да внимава со политиките на ригорозни мерки за замрзнување на цените или маржите, за да не предизвика контраефект.

„Целта на целата оваа кампања е како да го зголемиме консумирањето на домашните земјоделски производи. Давајќи приоритет на купувањето на домашни производи, производителите, нашите работници, кои имаат свои трошоци, тие полесно можат да се покријат ако го убедиме купувачот дека треба да им се даде приоритет на домашните, не затоа што се од земјата, туку затоа што се поквалитетни и по свежи.“, изјави Алиу.

Министерството за земјоделство, во соработка со стопанските комори, е во фаза на дистрибуција на посебни ценовни етикети за домашните производи во маркетите низ целата земја. Меѓу проблемите на домашните земјоделски производи е и продажбата на истите во странство од страна на трговците кои ги купуваат од производителите, користејќи ги ниските царински давачки на соседните држави, иако самото Министерство за земјоделство доделува субвенции за тие земјоделски култури.