Канадски државјанин киднапирал мал авион и прелетал над еден од најпрометните аеродроми

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Канадски државјанин киднапирал мал авион и прелетал над еден од најпрометните аеродроми во Канада.

Сè се случило во вторник во школа за летање на меѓународниот аеродром Викторија, околу 64 километри јужно од Ванкувер, кога 39-годишниот Шахир Касим „му се заканил на инструкторот за летање“ и ја презел контролата врз Цесна 172.

Авионот му припаѓа на летачки клуб кој лета околу 12.000 летови годишно. „Имавме луѓе кои ги погодиле врвовите на крилата на други авиони. Мислам, вие водите школа за летање затоа што ги учите луѓето да летаат. Но ова? Не, никогаш. Ова се случило неочекувано“, рече претседателот на клубот Колин Вилијамсон.

Тој рече дека киднаперот се појавил и рекол дека сака да биде патник на летот. Откако го презел малиот авион, Касим полетал сам и летал северно кон меѓународниот аеродром во Ванкувер. Тој ја заобиколил пистата, принудувајќи девет други авиони да се оддалечат од нивната планирана рута.

Контролорите на летање ги предупредиле пилотите да бидат внимателни. „Над аеродромот се одржува некаков вид протест против Цесна. Во случај нешто да почне да се движи кон вас, имате можност да се движите по ваша дискреција“, им соопштил контролорот преку радио до пилотите на неколку авиони.

„Касим дејствувал со идеолошки мотив за да го наруши воздушниот сообраќај“, изјавила портпаролката на полицијата, наредничката Тами Лоб. Полицијата не кажала против што протестира Касим, но канадските медиуми објавиле што напишал осомничениот на социјалните мрежи.

„Јас сум гласник. Јас сум месијата испратен да го спаси човештвото од климатските промени и да воведе ера на светски мир. Арктичкиот морски мраз ќе исчезне во рок од две години. Кога тоа ќе се случи, огромни количини метан ќе еруптираат од Арктичкиот Океан, предизвикувајќи брзо глобално затоплување и претворајќи ја Земјата во Венера“, напишал тој на Фејсбук еден ден пред да го киднапира авионот.

Северноамериканската команда за воздушна одбрана ги испрати борбените авиони, но „Цесната“ безбедно слета пред нивното пристигнување, а Касим беше уапсен.

Касим се појави на суд во среда за да се соочи со едно обвинение за киднапирање. Судијата му нареди да остане во затвор до неговото следно судско појавување на 22 јули. Во моментов не е застапуван од адвокат.

Според канадскиот закон, кривичното дело киднапирање вклучува употреба на сила или закана со сила за пренасочување на авион од неговата предвидена траекторија на летот.