Од Чаир, високиот број на позитивни случаи на Ковид-19 сега се „пресели“ во општина Аеродром. Во претходниот бран, беше кажано дека извор на новодијагностицираните се ифтарите и празникот Бајрам, но сега кога веќе нема вакви собирања, од каде произлегуваат новите случаи?
Епидемиолозите со одговор – од забавите во кафулиња, свадбите кои се организираат дома и од секаков настан каде не се почитуваат анти-ковид мерките, како што се носење маска, држење дистанца и групирање на повеќе луѓе на затворено.
Поради тоа, во вториот рестриктивен пакет е предложено ограничување на работата на економските оператори. Сѐ уште не е одредено работното време, бидејќи ова прашање ќе биде тема на дискусија в понеделник во Кризниот штаб. Предложено е и редуцирање на јавниот превоз, односно да сообраќа со 50% од вкупниот капацитет.
Со ова се прави обид и за подобро менаџирање на болничките капацитети, кои, како што рекоа, се при крај. На готовс се и модуларните болници, но во нив сѐ уште нема хоспитализирано ниту еден пациент. Целта, како што рече првиот човек на ресорот здравство, е да се избегне можноста за воведување полициски час, како на локално, така и на државно ниво, со оглед на тоа што во земјава секој ден се регистрира рекордна бројка на позитивни случаи. Прогнозите се бројот да достигне дури до илјада случаи на ден.
Во однос на претходниот пакет рестриктивни мерки, во кој беше предложено носење маски на отворено, забрана за групирање на отворено и ограничување на бројот на гостите дома, Филипче рече дека се очекува истите да стапат на следната недела, бидејќи како што рече, амандманите за измена на Законот за заштита на населението од заразни болести, веќе се изготвени
