Кандидатот на ВЛЕН за градоначалник на општина Тетово, Биљал Касами, кампањата за вториот круг ја започна со младите на плоштадот во градот. Тој се обврза дека ќе продолжат со проектите за развој на Тетово.
„Кампања која ние веруваме дека ќе биде потврда за убедливата победа од првиот круг. Веруваме дека и тие малку граѓани кои не успеавме да ги убедиме дека нашата опција е подобра, сега ќе биде полесно, затоа што огромното мнозинство на тетовци одлучија во првиот круг дека ние треба да продолжиме уште четири години за да служиме во Тетово, за да продолжиме со реализацијата на проектите во полза на Тетово“, рече Касами.
Од друга страна, Алијансата за Албанците на Арбен Таравари, дел од НАИ, синоќа одржа состанок на централното раководство во Тетово, заедно со претседателите на ограноците, за да ги анализираат резултатите од изборите. Тие се сомневаат дека во две општини каде што нивните кандидати имале убедлива предност, имало организиран бојкот.
„Реално таму имаме сомнежи дека имало организираност на партиите на власт, но и ако го погледнете бројот на гласовите, листите не се исчистени во споредба со претходните листи. Имаме голем дел што е во дијаспората. Така што во Гостивар, ако не грешам, за 21 глас не се постигна цензусот. Но сепак ќе се задржам на разликата: таа е многу голема меѓу кандидатите на АА и другите, било на ВЛЕН или независните. Ова покажува дека коалицијата функционира, и сега можеме да детектираме некои од проблемите за да го постигнеме тој целен резултат 2 наспроти 1, како што имавме и во анкети.“, изјави Рамадани.
Во четири општини во Македонија не е постигнат цензус од 33,33%, и таму ќе има нови избори. Според законот, тие треба да се одржат во рок од 60 дена од денот на објавување на конечните резултати.