Касами ќе ги сече и дрвјата што останаа, активностите на „Страшо Пинџур“ во Тетово продолжуваат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Општина Тетово денеска продолжи со работа на улицата „Страшо Пинџур“. Раководителот на Секторот за градежно земјиште, Мемет Јонузи вели дека немале средба со независните советници кои го оспорија сечењето на дрвја, а одлуката за продолжување на работните активности, како што додава, ја донеле по средбата со сопствениците на дуќаните.

-Ние како општина настојувавме, но таа средба не се одржа. Се сретнавме само со граѓаните, односно сопствениците на локалите. Настојувавме на средба меѓу советниците и општината, но за жал до таа средба не дојде. В петокот се сретнавме со жителите од населбата и дојдовме до заклучок дека треба да се продолжи со работа, согласно предвидениот проект кој е на сила, вели Јонузи.


Ова, според Мемети, значи дека општина Тетово ќе продолжи со акцијата за сечење дрвја кои останаа во овој дел од градот.

-Во рамките на проектот кој го имаме, и согласно барањето на граѓаните, предвидено е да продолжи сечењето на осумте дрвја кои останаа до раскрсницата. Истовремено имаме и проект за засадување нови садници, рече Јонузи.


Минатата недела независните советници од листата „Подобро за Тетово“ излегоа на терен барајќи од Касами да запре сечата на дрвја на оваа улица. Касами в петокот одлучи активностите да стартуваат денеска, а за утре е свикан и Советот каде ќе се види дали советниците од мнозинството ќе продолжат да го поддржуваат Касами.