Касами не знае каде се носат кучињата скитници – прстот го вперува кон компанијата што го добила тендерот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами не знае каде се носат кучињата скитници кои се заловуваат во Тетово од страна на Здружението „Амос Пет“ со кое општината склучи договор за третирање на овие кучиња.

-Треба да го прашате здружението кое има договор за третман на кучињата скитници. Ние како општина ја завршивме целата постапка согласно законот и веќе немаме никаква одговорност околу тоа што се случува понатаму со кучињата скитници, вели градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.

Касами вели дека горенаведеното здружение е регистрирано и дека тендерот го добило согласно предвидениот правилник.

-Ние ја спроведовме постапката и здружението е регистрирано. Треба да продолжите да разговарате со нив во врска со тоа што се случува со бездомните кучиња, додава Касами.

Доколку се утврди дека здружението работи незаконски, Касами ветува дека ќе му биде одземен тендерот.

-Доколку се докаже дека здружението го прекршило законот, автоматски се укинува договорот, дециден е Касами.

Досега здружението „Амос Пет“ и покрај постојаниот интерес на ТВ21, не даде одговор – колку кучиња се заловени и каде се наоѓаат.

На нивната Фејсбук страница постојано објавуваат кучиња, а за некои дури пишуваат дека се пронајдени во Тетово, но не се знае каде и како биле третирани пред да бидат згрижени од некое семејство. Од Агенцијата за храна и ветеринарство, за ТВ21 велат дека ова здружение не фигурира во нивниот регистар на прифатилишта.

-Секое прифатилиште кое врши контроли и згрижува кучиња треба да има одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство. Бидејќи оваа компанија не е на списокот на прифатилишта одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство, ние не извршивме контрола во овој субјект. Поради тоа што овој субјект нема одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство, оценуваме дека субјектот не е специјализиран за контрола на кучињата скитници, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Договорот предвидува здружението да залови и третира 82 кучиња, а за секое куче општината дава по 300 евра – јавни пари. Само во последните 8 месеци 38 тетовци биле каснати од кучиња скитници. Ова значи дека едно лице е мета на напад речиси на секои шест дена. Но, овие бројки се само оние кои се пријавени во полиција и тука не се вклучени случаите во руралните средини.