Веќе неколку дена кружат гласини дека Фатмир Лимани е незадоволен од развојот на настаните во Движењето БЕСА.
Пред неколку дена, претседателот на БЕСА, Билал Касами, заедно со пратеничката Валбона Адили Емини, одржа состанок со партискиот огранок во Кичево, на кој Фатмир Лимани не присуствуваше. Но Касами вели дека тоа не претставува никаква загриженост.
-Ние сме во комуникација со сите министри и сите функционери кои се во рамки на ВЛЕН и БЕСА. Може да се случи во одредени моменти некој да не биде присутен, но досега нема ништо што би го истакнал како загриженост пред јавноста, вели Билал Касами, претседател на БЕСА.
Во меѓувреме, Лимани објави статус на Фејсбук во врска со изборот на лидер на ВЛЕН. Тој предупреди дека исклучувањето, политичките пазари и фаворизирањето на поединци без реален придонес сериозно го загрозуваат опстанокот на коалицијата.
-Борбата со лакти, игнорирањето на актерите кои го донесоа обединувањето и ја изградија оваа заедничка сила што денес се вика ВЛЕН, како и отворањето на вратите за сомнителни фигури кои до вчера се бореа против оваа коалиција, би било фатално за сите нас, разочарувајќи го секој гласач кој веруваше во слоганот ’Ние сме еден глас‘. Доколку се постапува по логиката ’собери што ќе ти дојде пред рака‘ само затоа што некој те тапка привремено по рамо, тогаш постои реален ризик на денот на именувањето на лидерот да започне и распаѓањето на ВЛЕН, вели Фатмир Лимани, потпретседател на БЕСА.
Во врска со ова, Касами изјави дека секој член има целосно право да ги изнесе своите ставови.
-Јас сметам дека секој член на секој политички субјект има целосно право да ги изнесе своите ставови за понатамошниот пат на ВЛЕН и реакцијата на г. Лимани и другите ја гледаме во таа насока – како да го најдеме најкраткиот и најдобриот пат ВЛЕН што побрзо да стане политички субјект, вели Билал Касами, претседател на БЕСА.
Лимани пред неколку дена за ТВ21 изјави дека колку побрзо правно ќе се формираат органите на партијата ВЛЕН, толку побрзо таа ќе добие форма.
-Мислам дека сите знаат кој може да биде најдобриот претставник на Албанците во рамки на оваа поставеност што се нарекува ВЛЕН. Тоа треба да им го оставиме на партиските органи и на структурата што го сочинува субјектот ВЛЕН, како што се ДД, АА, БЕСА, Алтернатива, и на крај да почекаме да се реализира очекувањето на населението, вели Фатмир Лимани, потпретседател на БЕСА.
Во меѓувреме, Касами додаде дека во ВЛЕН се бара најдобрата опција за спојување во политички субјект и дека најмногу се разгледува моделот со ротација.
