Кацарска изненадена како се случија измените на КЗ: „Ниту една од партиите не направи опструкции“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, е изненадена што измените во Кривичниот законик се одвиваа без никакви опструкции од ниту една политичка партија или од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Таа додава како е можно две години Уставниот суд да не може да се комплетира со судии поради блокадите што се создаваат во Собранието, додека кога им треба на политичките партии, работата тече без проблем.

Кацарска во својата изјава го вперува прстот кон колегите судии кои не работеле ефикасно во судските предмети и, според неа, веројатно немало да дојде до такви измени во Кривичниот законик.

Од партијата на Павле Трајанов, Демократски сојуз, преку соопштение велат дека со овие измени актуелните функционери се амнестираат од кривична одговорност и тоа ќе го користат и оние функционери кои се веќе осудени за вакви кривични дела.

„Образложенијата што ги даваат премиерот и платени експерти, дека ќе се ефектуирала конфискацијата на имотот на функционерите криминалци, посебно проширената конфискација, дека повеќемина ќе одговараат итн. воопшто не држат. Криминалците од власта најголем дел од украдените буџетски пари ги префрлаат на странски сметки во даночни рајеви, кои се недостижни за правдата, а сомнителниот имот во Македонија го регистрираат на туѓо име.“,велат од Демократски сојуз.

Од ВМРО-ДПМНЕ коментирајќи ја изјавата на Американскиот Стејт департмент дека корупцијата може да ги поткопа стратешките амбиции на земјава, велат дека ова е само доказ плус за тоа што тие секојдневно го кажуваат.

При донесувањето на Кривичниот законик единствени кои гласаа против беа пратениците од албанската опозиција Хисни Исмаили и Бастри Бајрами. Од македонската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ сите присутни пратеници гласаа против, додека од партијата на Меџити, Демократското движење, ниту пратеничката Мерита Коџаџику, ниту Кастриот Реџепи воопшто не беа присутни во салата за време на гласањето.