Од вечерва, пред да го фрлите ѓубрето – погледнете го часовникот! Ова важи за скопјани, бидејќи од 22:00 до 06:00 часот наутро е забрането фрлање отпад во јавни контејнери. Советот на Градот Скопје одлучи на овој начин да го спречи хаосот со отпадот во главниот град. Одлуката не се однесува на приватните канти за отпад пред домовите.
„Одлуката стапи во сила со потписот на градоначалникот Ѓоргиевски, и предвидува забрана за фрлање било каков отпад во или околу јавните контејнери поставени на јавни површини“.
Градот Скопје располага со 40 инспектори, 11 комунални инспектори и 10 комунални редари. Прекршоците ќе се констатираат на лице место, а ако се забележат поголеми количини отпад или отпад кој не спаѓа во комунално ѓубре, ќе се вршат контроли и врз правните лица.“
Инспекторите, според најавите, ќе патролираат и по полноќ за да ги фатат во прекршок сите кои ја прекршуваат забраната. Казната за граѓаните е 50 евра, а за правните лица од 1.300 до 1.800 евра, во зависност од видот на отпадот.
Граѓаните велат дека одлуката е добра, но потребна е колективна свест за зачувување на животната средина.
„Ова е добро, во корист на граѓаните, но прашање е колку ќе се спроведува. ‘Најдолгиот пат кај човекот е од мозокот до срцето’! Треба човекот да има свест, па да донесе одлука – дали ќе фрли отпад или не; дали ќе го почитува законот или не. Имаме добри закони, но не се спроведуваат, дури и тие што ги носат не ги почитуваат“.
„Прво, јас не фрлам ѓубре штом се стемни, така е. Дали ќе може да се спроведе ова? Не знам, кај нас чудата траат три дена! Ќе видиме по три дена како ќе биде“.
„Инспекторите не можат секаде да стигнат, да контролираат сè и сешто. Не можат – потребна е само свест кај граѓаните, ништо друго. Секој треба да го знае тоа. Кога ќе имаат ѓубре, да го однесат каде што треба, а не покрај контејнерот, и кантите да се празнат редовно“.
Од Јавното претпријатие „Комунална Хигиена“ велат дека на почетокот нема да се изрекуваат казни од инспекторите, туку нивните ЕКО патроли само ќе даваат опомени. Ова е првиот предизвик во првиот работен ден на новиот в.д. директор на претпријатието, Драги Митковски, и доаѓа веднаш по 72-часовната акција за чистење на главниот град од големите депонии со отпад.
